Австрија: Во лов на гласови од балканските мигранти | Свет | DW | 22.05.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Австрија: Во лов на гласови од балканските мигранти

Во Австрија в недела се избира нов претседател. Двајцата претседателски кандидати им се „додворуваат“ на гласачите од екс-Југославија.

„Ако одам на избори, тогаш ќе гласам за Ван дер Белен. Хофер се ’продава’ за љубезен и пријателски, но е опасен“, вели Осман, Босанец кој од пред пет години има право на глас во Австрија. Исто како и Петар од Србија: „Слободарската партија не‘ врбува нас Србите, но не им верувам многу. Сепак, сметам за правилно што се за помалку странци, веќе ги имаме премногу овде“, вели Петар, пиејќи го своето кафе.

Александер ван дер Белен од австриските Зелени или Норберт Хофер од популистичката ФПЕ, Слободарската партија? Ретко кога на изборите во Австрија еден спроти друг стоеле толку спротивни личности како за претстојните претседателски избори. За Осман и Петар тоа не ја поедноставува работата, меѓу другото и поради тоа што немаат јасни политички ставови. Исто како и мнозинството нивни сонародници, а ги има околу 133.000 со право на глас во Австрија. Но, овие избори можеби и нив ќе ги натераат да излезат на гласање на 22. мај.

Такво мислење има и Горан Новаковиќ, автор и соработник во Одделот за интеграција и диверзитет во градот Виена: „Поранешната југословенска заедница, традиционално ретко оди на избори, но во вториот круг тоа може да се промени.“ Можно е Слободарската партија да ги мобилизира посебно Србите, Хрватите и Босанците, кои политиката на Зелените генерално ја сметаат за премногу либерална, кога станува збор за правата на муслиманските мигранти и бегалци, објаснува Новаковиќ.

Österreich Wien TV Duell Norbert Hofer gegen Alexander van der Bellen

ТВ-дуел Александер ван дер Бален и Норберт Хофер

Слободарската партија ги врбува српските гласачи

Тоа што Слободарската партија со темите миграција и ислам лови гласови во српската заедница, може да се одрази на изборното однесување на гласачите од Босна, вели Ненад Мемиќ, публицист и долгогодишен главен уредник на „Космо“, едно од најтиражните списанија за доселеници од поранешна Југославија.

„Слободарската партија врбува српски гласачи првенствено преку доста проблематични ставови околу Босна и Херцеговина“, вели тој. Дури и Милорад Додик, претседателот на Република Српска, беше поканет во Виена. „Додик веќе вторпат на Србите во Австрија им препорача да гласаат за ФПЕ“, истакнува Мемиќ.

Ваквата политика е наменета за оние на кои им се важни т.н. „национални прашања“. „Но, многумина се израснати во Виена, во еден со децении мултиетнички град, а пораките на ФПЕ не се единствениот критериум за одлука при гласањето,“ уверен е Мемиќ.

Околу 40 проценти од доселениците со право на глас живеат во Виена, па така битката за гласови на мигрантите од Балкан главно се одвива во престолнината. А во последо време засилено се води меѓу социјалдемократите од СПЕ и десните популисти од ФПЕ. Генерално, истакнува Мемиќ, избирачите од поранешна Југославија се наклонети кон социјалдемократите. Но, по првата гласачка рунда Ван дер Белен и Хофер излегоа како двајца најсилни кандидати, СПЕ ја оставија далеку зад себе. Сега се поставува прашањето дали социјалдемократски наклонетите мигранти во Австрија ќе го дадат гласот во вториот круг за Ван дер Белен.

Зелени наместо Социјалдемократи

Еден припадник на босанската заедница во Виена, кој тоа го препорачува, а е активен во СПЕ, е Ахмед Хусагиќ. Тој беше кандидат на виенските Социјалдемократи на последните избори на локално ниво и е сигурен дека избирачите од поранешна Југославија нема да „паднат“ на популистичките пароли од ФПЕ. „Тие знаат дека тоа ништо не носи и нема да им донесе подобар живот. Исто така знаат оти слична реторика предизвика војна во Југославија.“ Освен тоа, не постои ниедна разумна причина да се гласа за Норберт Хофер:

„ФПЕ сака да воведе здравствена заштита само за мигрантите. Тие сакаат кратење на социјалната помош за мигрантите и нивно протерување ако подолго време се во потрага по работа“, потенцира Хусагиќ. Затоа, овојпат може да се гласа за Ван дер Белен, убеден е тој.

Wien SPÖ Wahlparty Kuchen Das Narrenschiff

Титаник-симболика: изборно тонење на бродот на социјалдемократите

Важен сигнал

Австрискиот претседател навистина нема многу ингеренции, во основа тој само ја претставува земјата. Но, ако на функцијата на сојузен претседател дојде до драстична персонална промена, тоа може да повлече со себе и натамошна промена на парламентарно ниво - се‘ помало влијание на СПЕ и зголемено влијание на ФПЕ. Уште повеќе што социјалдемократите токму се наоѓаат во криза.

Но, ако причината за оваа промена не се популистичките пароли, зошто тогаш СПЕ толку заслабна? „Во кризни времиња очекувањата на луѓето се нереалистични“, вели Хусагиќ. „СПЕ се залага за бесплатни детски градинки, евтино образование, ниски даноци и повисоки плати, тоа се нашите вредности, но тоа постојано се обезвреднува“, се лути Хусагиќ.

Дека девалвирањето вистински спаѓа во стратегијата на ФПЕ, беше уверливо на многуте јавни дуели на претседателските кандидати. Во нив постојано се вршеше прекин на конструктивна дискусија на рамноправно ниво, се обезвреднуваше противникот и дури се вршеа лични напади врз него. Метод, кој наоѓа добар прием и во виенската кафеана Лепа Брена, посетувана главно од Срби, а каде уште претпладне се консумира пиво и ракија.

Но, нешто друго ќе биде решавачко, убеден е Горан Новаковиќ: „Преовладувачка ќе биде традиционалната припадност или симпатиите за една или друга партија, но и начинот на кој се гледа светот. А ова се избори кои може да ги разбудат и гласачки заспаните мигранти“.

DW.COM

Реклама