1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Музика

Џими Хендрикс: 50 години од смртта на богот на гитарата

Филип Једике
18 септември 2020

Според многумина, тој беше најдобриот гитарист на сите времиња. Со својот нов начин на свирење и често екстремни настапи, ја промени рок-музиката. И потоа замина во легендите.

https://p.dw.com/p/3ihJj
Brasilien, 50 Jahre Todestag Jimi Hendrix
Фотографија: picture-alliance /zumapress.com

За оние кои кон крајот на 1960-те имаа можност во живо да го видат Џими Хендрикс, тоа мора да делувало како земјотрес. Дури и Пол Макартни во едно интервју изјави дека и денес се наежува кога ќе се сети на првиот пат кога го слушал Хендрикс во еден лондонски клуб.
Хендрикс, роден во Сиетл во 1942 година, го одгледувал татко му. Уште како дете бил луд за гитарата. Како и многу други сиромашни момчиња од неговата генерација, во 1961 заминува во војска, но ја напушта една година подоцна откако по еден падобрански скок ја повредува ногата.
Почнува да свири како пратечки музичар во R&B бендови. Ги следел големите ѕвезди како Исли Бродерс и Литл Ричард при нивните настапи во малите клубови наменети за афроамериканци. Тоа било тешко школо, но таму Хендрикс запознал некои од најдобрите и најдивите изведувачи во тоа време.

Хипи живот во Гринич Вилиџ

Токму тогаш Хендрикс почнал да се облекува „откачено“. На бината се уште морал да настапува во костуми, но приватно сакал да шета со шешири со перо од паун и големи гердани. Слабичок и висок, Хендрикс, кој во себе имал и крв на американските Чироки-индијанци, упаѓал во очи. Бил многу срамежлив, но секогаш пријатен и со насмевка на лицето. Во комбинација со својата уметничка визија, бил многу харизматичен.
Кога британскиот менаџер и продуцент Час Чендлер, кој претходно бил член на Енималс, го видел Хендрикс во легендарното „Кафе Ва?“, веднаш помислил дека од него може да направи ѕвезда.
Го довел Џими во Лондон и го опкружил со тапанарот Мич Мичел и басистот Нол Рединг. Поради виртуозноста на звукот на Хендрикс и дотогаш непознатите звуци кои умеел да ги произведе на гитарата, триото звучело како да ги има двојно повеќе членови.
„Џими Хендрикс експириенс“, како што се викаше бендот, го поврзува американскиот блуз со британскиот и R&B со рок. Тие звучеле и како хард-рокери и како грув-блузери истовремено. Звукот им бил секси, психоделичен и див.
Настапите во Велика Британија се прифатени со одушевување. Сите доаѓале да ги видат, вклучително и Битлси и Ролинг Стоунси. Оттаму заминуваат во САД и таму нивната турнеја се претвора во триумф. Меѓу најголемите настапи се вбројува оној во 1967 на Монтереј Поп Фестивалот. Хендрикс и неговиот звук совршено одговараат на времето на големи превирања во општеството. Набрзо станува суперстар.

Jimi Hendrix |  US-amerikanischer Musiker
Свирење на сите начини. Хендрикс на концерт во ЛондонФотографија: United Archives/picture-alliance

На бината во свој елемент

Неговите песни, а уште повеќе неговиот начин на свирење, не можат да се стават во ниту една фиока. Како леворак, тој користи гитари за деснаци кои едноставно ги превртува и ги преместува жиците. Свири соло делници во својот блуз со толку страст и преданост, како никој пред него. Се извива со секоја нота, паѓа на колена, лежи на подот, цели делници свири со затворени очи. А кога сосема ќе откачи, го забива својот Фендер Стратокастер во засилувачот или го полива со бензин и го пали.
Но вон бината, Хендрикс е се друго само не дивјак. Тој живее за музиката. Постојано вежба, постојано свири, гитарата е нонстоп со него. За Хендрикс велат дека во животот го интересирале само две нешта: музиката и жените.
На врвот на славата, Хендрикс во Њујорк го остварува својот дамнешен сон: со еден милион долари го опремува својот „Електрик лејди студио“. Понекогаш е педантен до крајност: некои делови ги снима и по 35 пати. Но успехот на неговиот трет албум „Електрик лејдиленд“ му дава за право: избива на првото место на американската топ-листа и станува еден од најплатените музичари во своето  време.

Икона на алтернативната култура

На Вудсток фестивалот Хендрикс повторно ги изненадува сите. Настапува со нов бенд и свири верзија на американската химна која ја погодува нацијата право во срце. Откако ќе ги отсвири првите тонови на класичен начин, музиката се одвојува од познатиот образец, а со својот Стратокастер и со педалите тој ги имитира бомбите и митралезите: Поздрави од Виетнам.
Хендрикс, кој стои на бината со лента околу главата и кожна јакна, делува како модерна верзија на Џеронимо- тој истовремено е и Индијанец и Афроамериканец и хипи. Во тој момент, Хендрикс веќе не е само рок ѕвезда, тој станува икона на алтернативната култура. Заедно со новата формација „Бенд оф џипсис“, Хендрикс натаму ја следи својата уметничка визија- тој ги проширува границите на звукот и музичките стилови.
Својот последен концерт Хендрикс го свири на германскиот остров Фемарн во рамки на европската турнеја. Сосема неочекувано умира на 18 септември 1970 во Лондон. Неговата девојка му дава таблети за спиење кои се повеќекратно посилни од оние на кои е навикнат од САД. Кога таа се буди, Џими веќе бил онесвестен. Префрлен е во болница, но повеќе му нема спас. Има 27 години.
Кариерата на Џими Хендрикс како рок-ѕвезда трае само четири години. Но во тој кус период, тој со својата иновативна сила и со својата креативност ги промени и рок музиката и начинот на свирење гитара. До денес тој важи за најдобриот рок гитарист на сите времиња.

Jimi Hendrix, Gitarrist, Komponist & Sänger
Џими Хендрикс на ВудстокФотографија: picture-alliance/Peter Tarnoff/MediaPunch