1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штедење е можно и без лимит за долгот

1 септември 2011

Претседателот на Советот на ЕУ, Ван Ромпој, го оцени како корисно, но не и неопходно, утврдувањето лимит за државниот долг во уставот на земјите на ЕУ. Португалија најави согласност со предлогот за лимитирање на долгот.

https://p.dw.com/p/12RMz
Фотографија: picture alliance / dpa

„Утврдувањето на граница за максималниот долг би можело да помогне, но најважно е владите да го редуцираат државниот дефицит во нивните земји, изјави Херман ван Ромпој за француската телевизија ЛЦИ. Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози на нивната средба, на 16 август во Париз, предложија сите земји членки на ЕУ во своите устави да се обврзат на ограничување на јавниот долг. Германија го стори тоа уште во 2009 година.

Премиерот на Португалија Педро Пасос Коељо, пак, изјави дека е подготвен да го прифати предлогот на Германија и на Франција за утврдување на лимит за државниот долг во уставот на земјата. Во рамки на мерките за штедење со кои е условена финансиската помош од 78 милијарди евра за високозадолжената Португалија, властите во Лисабон најавија и големи кратења на буџетските трошоци. Министерот за финансии Витор Гаспар изјави дека до 2014 бројот на службеници во јавната администрација ќе биде намалуван за 2 проценти на годишно ниво. Покрај тоа, ќе бидат замрзнати платите на администрацијата.

Автор: СН/ЕМФ/дапд/афп/ртр

Редактор: Б. Георгиевски