Шпионажата - допинг во Ф1
14 септември 2007Светскиот совет на Меѓународната автомобилска федерација на состанокот во Париз, одлучи да му ги одземе сите 166 бодови на британскиот тим МкЛарен-Мерцедес, освоени оваа сезона, со што неговиот ривал Ферари со сигурност ќе ја освои по петнаесетти пат титуалата на конструктори во Формула 1.
Во случај да пилотите на МкЛарен-Мерцедес освојат бодови, тие нема да бидат земени во предвид до крајот на сезоната, а на официјалните претставници на тимот им е забранет и подиумот.
Драконска казна за Мекларен - Мерцедес
Британско-германската екипа е казнета и со 100 милиони долари парична казна, што претставува скоро една осмина од буџетот на екипата. Но сите овие казни се многу помали од казната која стравуваа сите – едноставното исклучување за сезоната 2007 и 2008.
Санкциите изречени од Советот на Меѓународната автомобилска федерација сепак го зачувуваат интересот за шампионската трка на пилотите. Двајцата пилоти на МкЛарен Луис Хамилтон и Фернандо Алонсо ги зачувуваат сите освоени бодови и ги имаат сите шанси да се најдат пред ривалите од Ферари, Кими Рајконен и Фелипе Масса. „По учеството на денешното сослушување, не мислам дека заслужуваме да бидеме казнети, и со тоа да биде извалкан нашиот углед“, вели Рони Денис, шефот на МкЛарен-Мерцедес.
Недозволен пристап до тајните документи на Ферари
МкЛарен на почетокот се извлече без казна, со објаснувањето дека нивниот инженер имаше пристап до украдените технички документи од Ферари. Но по признавањето на Алонсо дека на почетокот на сезоната ги знаел техничките карактеристики на болидите на Рајконен и Маса, шпионскиот скандал во Ф1 го доби сегашниов епилог.
Алонсо беше под силен притисок од Меѓународната автомобилска федерација, која му вети амнестија, што и се случи. Тимот на МкЛарен-Мерцедес нема одлучено дали ќе ја обжали одлуката на федерација.