1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Знаевме дека нѐ ловат“

Кристина Нагел
4 август 2021

Белорускиот активист Виталиј Шишов беше пронајден мртов еден ден по неговото исчезнување во Киев. Неговите соработници и пријатели претпоставуваат дека зад тоа се крие белоруската тајна служба.

https://p.dw.com/p/3yWWq
WS Ukraine Gedenken Vitaly Shishov,
Протести пред белоруската амбасада во Украина во знак на сеќавање на Виталиј ШишовФотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Полицијата работи забрзано на расчистување на случајот кој предизвика ужасеност не само кај белоруската дијаспора, туку и пошироко. Се разгледуваат и анализираат видео-снимки од камерите поставени долж патеката за трчање, од каде активистот во понеделникот веќе не се вратил, а се испрашуваат и можни очевидци.

Шефот на полицијата, Ихор Клименко, изјави дека истрагата оди главно во две насоки: „Тоа се самоубиство и убиство камуфлирано како самоубиство.“

Модринки и гребаници

На телото на Шишов, пронајдено во парк недалеку од неговиот стан, се утврдени модринки и гребаници. „Рани на носот, на левото колено и градите. И, ако не се лажам, има и мала модринка на горниот дел од усните лево. Тоа е типично за, како што велат експертите, еднократен пад“, вели Клименко. Според него, натамошниот тек на истрагата треба да покаже дали повредите би можеле да бидат и од тепање. Шефот на полицијата не сака да ги коментира шпекулациите за можните причини за убиството и за неговиот тек.

Ukraine Vitaly Shishov
Шишов не се обесил сам, уверени се неговите соработници и пријателиФотографија: RBC-Ukraine/REUTERS

Соработниците на Шишов сметаат дека се работи за убиство

Пријателите и соработниците на Шишов се уверени дека 26-годишникот не се обесил сам. Шишов беше среде планирање низа акции по повод годишнината на меѓународно непризнатите претседателски избори во Белорусија, вели белорускиот новинар Денис Станчи, човек од доверба на Шишов. „Планирани се акции и во Украина со цел да се привлече вниманието на јавноста, а тој беше еден од организаторите. Многу интензивно работеше на тоа“, објаснува Станчи.

Повеќе: Исчезнатиот белоруски активист пронајден мртов во Киев

Обвинувања на сметка на КГБ

Ова е обид да се заплаши дијаспората, да се создаде впечаток дека никој не е сигурен никаде, уверени се соборците на Шишов. Неговиот колега Јуриј е уверен дека зад смртта на Шишов стои белоруската тајна служба КГБ: „Знаевме дека нѐ ловат. пртепоставувам дека тоа биле специјалци на КГБ кои работат за режимот на Александер Лукашенко.“

Повеќе: 

Белорусија: 14 години казнен логор за Виктор Бабарико

Белоруската опозиција ја доби наградата Сахаров

Кој е Роман Протасевич?

Марија Колесникова: Со насмевка против Лукашенко

Шишов ја напушти Белорусија и дојде во Украина минатата есен. Тој учествуваше во протестите против властодржецот Лукашенко. Беше соочен со кривичен прогон. Со својата организација се грижеше за Белорусите во Украина кои избегале од белорускиот режим, исто како и тој самиот. Им помагаше да се снајдат во Украина, но редовно организираше и протестни акции на дијаспората.

Weißrussland Minsk | Anti-Regierungsproteste
Антивладини протести во Минск (20.09.2020)Фотографија: TUT.BY/Reuters

Белоруските власти молчат

Властите во Белорусија досега се немаат изјаснето за случајот. Политикологот Александер Шпаковскиј, кој е близок на власта, смета дека е јасно оти тука раце вмешале сосема други сили. Сили, кои според него, имале само една цел: „Имено, да го зголемат притисокот врз нашата земја, да му наштетат на меѓународниот имиџ на Република Белорусија и да го подгреат протестното расположение во белоруското општество“, изјави Шпаковскиј за „Спутник Белорусија“. 

Прво скандалот со атлетичарката Кристина Тимановскаја, а сега смртта на опозициски активист кој не бил особено познат - потребни се постојано нови поводи за да се оправда агресивната политика на Западот кон Белорусија, вели политикологот.

Соработниците и пријателите на Шишов веќе најавија дека ќе ја продолжат својата работа и ќе подготвуваат нови протестни акции. За вечерва во Киев е најавен собир во знак на сеќавање на Шишов.