Шалке во голема криза
20 септември 2010Екипата на Шалке го забележа и четвртиот пораз во исто толку натпревари во Бундеслигата и остана закована на дното на табелата. За најлошиот старт во историјата на тимот од Гелзенкирхен се погрижи локалниот ривал Борусија Дортмунд, кој однесе убедлива победа од 3:1. Тренерот Феликс Магат е под се’ поголем притисок:
„Мислам дека денеска можеше да се види дека имаме квалитет, но уште од почетокот беше јасно дека целиот тим нема сигурност, а не само одредени играчи. И кога сите се несигурни не можете правилно да ја процените играта. Критиките од тој аспект се сосема оправдани“, изјави Магат.
Шалке на дното, Мајнц на врвот. Тимот на Николче Новески за првпат во својата историја е на првото место во Бундеслигата, по победата на гостувањето кај Вердер од 2:0.
„Во текот на целиот натпревар бевме многу внимателни и енергични и бевме наградени со победа која е невообичаена, нагости кај учесник во Лигата на Шампионите. Навистина уживавме“, изјави тренерот на Мајнц, Томас Тушел.
Штутгарт со „седумка“ ја испрати Борусија (М)
Претходниот лидер на табелата, Хофенхајм, одигра нерешено 2:2 нагости кај Кајзерслаутерн.
Првата победа сезонава ја оствари тимот на Штутгарт, и тоа повеќе од убедлива - 7:0, против Борусија Менхенгладбах. Тренерот Кристијан Грос со право беше задоволен.
„Мислам дека желбата за надигрување денеска беше огромна. Не е само по себе разбирливо, но тимот денеска имаше голема одлучност и желба за победа“, рече Грос.
И за тимот Волфсбург четвртото коло ги донесе првите три бода. Сигурна победа од 2:0 во регионалното дерби против Хановер, а најдобар играч на мечот беше босанецот Един Џеко.
„Многу претрчавме. Беше многу тежок натпревар и од психолошка гледна точна, затоа што ги загубивме првите три меча. Но, задоволни сме што конечно ни‘ тргна, а добро е и што не примивме гол“, оцени Џеко по натпреварот.
Шампионот Бајерн повторно ремизираше
Шампионот Бајерн Минхен се изнамачи на дуелот против Келн, но на крајот мораше да се задоволи со еден бод. Гостите дојдоа во Минхен да се бранат и на крајот успеаја да си заминат без примен гол, иако на крајот имаа шанси и да победат. Во слична ситуација беше и Бајер Леверкузен во дуелот против Нирнберг на домашен терен, но мрежите и таму мируваа.
Третото реми во ова коло дојде на дербито меѓу градските ривали од Хамбург. Санкт Паули водеше до три минути пред крајот, кога Хрватот Младен Петриќ со извонреден погодок му донесе еден поен на Хамбург за конечни 1:1.
„Кога ќе водите во поголемиот дел од мечот и на крајот ќе морате да се задоволите со бод, тоа е болно. Но, можеме многу да научиме од натпреварот. Бевме рамноправни со Хамбург, кој е многу силен тим, во поголемиот дел од мечот“, оцени напаѓачот на Санкт Паули, Џералд Асамоа.
Во петокот, Фрајбург нагости го совлада Ајнтрахт Франкфурт со 1:0.
Автор: БГ/СН/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска