1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Црвените линии“ - стратегија на Софија или покажување сила?

Н.Цеков/Б. Георгиевски12 септември 2012

Аналитичарите во Бугарија со резерви ја примаат иницијативата на тамошното МНР за политика на „црвени линии“ кон соседите. Предупредуваат дека Бугарија не смее да тргне по „патот“ на Грција во однос на Македонија.

https://p.dw.com/p/167I3
Фотографија: nstanev/Fotolia

На почетокот на септември бугарскиот министер за надворешни работи Николај Младенов најави дека Бугарија ќе изработи декларација за заштита на нејзините интереси во односите со соседните држави. Документот ќе претставува основа врз која ќе бидат фиксирани принципите на бугарската политика кон соседните држави, се наведува од бугарското МНР. ДВ побара коментар за овој документ од директорката на софискиот Центар за либерални стратегии Антоанета Приматарова, како и од политологот Марин Лесенски од институтот „Отворено општество“.

Иако на документот, во Бугарија далеку повеќе се гледа како на инструмент за пасивизирање на домашните радикали, од типот на Божидар Димитров, сепак, аналитичарите се согласни дека тој пред се’ е насочен на односите кон Македонија.

Спорови без правна рамка

„Она што ми остави впечаток од соопштението на министерот е дека со овој документ ќе се бара надпартиски консензус за националната позиција во однос на соседите. Тоа е во секој случај подобро од гафовите на поранешниот член на Владата на Борисов, Божидар Димитров, кој се закануваше дека ќе ги блокира преговорите на Македонија со ЕУ“, вели поранешниот главен преговарач на Бугарија со ЕУ, Антоанета Приматарова.

Таа смета дека Бугарија треба на двострана основа да ги решава проблемите со соседите, затоа што нивното отворање пред Европската Комисија или Европскиот совет секогаш се смета за „лош вкус“.

Во случајот со Македонија, Приматарова смета дека вината за влошувањето на односите лежи кај растечкиот великомакедонски шовинизам. Бугарската страна се чувствува принудена да одговори на непримерните изјави од Скопје и очигледно бара начин тоа да го стори.

„Немам претстава дали реакцијата од Софија ќе биде одмерена или ќе се откаже од добриот тон. Државите членки на ЕУ можат да побараат помош и од европските институции. Таков беше случајот во спорот меѓу Германија и Чешка, или неодамна меѓу Словенија и Хрватска. Но, не сум сигурна дека воопшто може да се најде некаква правна рамка за било кој од споровите меѓу Бугарија и Македонија, како што се јазикот, историјата или културното наследство?“, вели Приматарова.

Boschidar Dimitrow Stojanow
Божидар ДимитровФотографија: Vladimir Petkov

Таа дополнува дека не сака ниту да помисли дека „безумниот“ спор меѓу Македонија и Грција околу името Македонија би можел да има и „бугарско“ продолжение.

Нема отворени прашања, само „лоша историја“

Според Марин Лесенски од бугарскиот Институт „Отворено општество“, изработката на национални позиции во однос на приемот на соседните држави во ЕУ и НАТО е добра идеја.

„Добрата страна е што секоја непримерна изјава на член на владата во Софија или валкан наслов во бугарските медиуми за меѓусебните проблеми, во иднина нема да може да се смета за официјална бугарска позиција“, вели Лесенски.

Според него, главниот проблем се односите со Македонија, кои со години се одбележани со напади и непримерни изјави од двете држави.

„Треба да се обидеме да ја разбереме позицијата на Македонија и како еден рефлекс на државата која долги години се наоѓаше во изолација. Македонизмот е дел од таа реакција. Во Скопје се‘ уште се актуелни дебатите за тоа каква нација е македонската - дали таа го вклучува само словенското јазично население или кон неа треба да се вклучат и другите етноси - Албанци, Турци и другите.

Исклучително тешко ќе биде да се реши проблемот со признавањето на бугарското малцинство во Македонија, кога Бугарија одбива да ги признае сопствените граѓани кои се самоопределуваат како Македонци, кои имаат право да формираат и сопствена партија (согласно одлуката на Европскиот суд за човекови права). Впрочем правото на секој да се определи како што сака и не подлежи на дискусија“, објаснува Лесенски.

Тој смета дека наместо наметнувањето на „црвени линии“, основата на бугарската надворешна политика треба да бидат принципите на компромис и дијалог со соседите за сите отворени прашања.

Nikolaj Mladenow Außenminister Bulgarien
Николај Младенов, министер за надворешни работи на БугаријаФотографија: DW

„Во крајна линија, меѓу владите во Софија од една, и Белград и Скопје од друга страна, нема отворени проблеми. Проблемите произлегуваат од минатото напластено со непријателство и ’лоша историја’, кои ги разгоруваат некои невладини организации и медиуми.

Токму затоа единствениот работен принцип е: „да ја оставиме историјата на историчарите, а политичарите да се занимаваат со развој на економските односи и инфрастуктурните проекти“, заклучува политологот Марин Лесенски од Институтот „Отворено општество“ во Софија.