Формула 1: драматична трка во Имола - Алонзо им одолеа на нападите од М. Шумахер
25 април 2005Трката за Големата награда на Сан Марино на патеката во Имола беше една од највозбудливите во последниве години во светското првенство во автомобилизам формула 1. Бранителот на титулата Михаел Шумахер од 13-та стартна позиција, на која се најде по сопствена грешка за време на вториот официјален тренинг, во трката успеа да стигне до 2-то место. Во завршницата цели 13 кругови тој се обидуваше да го мине и водечкиот Фернандо Алонзо од тимот на Рено, но младиот шпански возач извонредно го издржа притисокот и ја забележа третата последовна победа во оваа сезона, со што убедливо води во генералниот пласман. Во екипна конкуренција Рено е далеку напред и е победник на сите 4 трки во шамионатот досега.
Во Имола се покажа дека Ферари со новиот болид може да конкурира за највисок пласман, но не треба да се заборави ни дека на тренингот најбрз беше Кими Рајконен од Мерцедес Мекларен, кој и во трката имаше сигурно водство до моментот кога поради дефект мораше да се откаже. Така, има многу причини да се очекува годинашново првенство да биде интересно и неизвесно.