1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„ФИРОМ или иредентистички стремежи“

28 март 2011

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ денеска (28.03) во текстот со наслов „ФИРОМ или иредентистички стремежи“ го анализира грчко-македонскиот спор околу името и процесот пред Меѓународниот суд на правдата.

https://p.dw.com/p/10j5z

Давајќи кус преглед на спорот и на позициите на Македонија и Грција, весникот, меѓу другото, пишува:

„Образложенијата на Атина на сопствената позиција досега беа многу бизарни. Постојано се вели дека Македонија го загрозувала територијалниот интегритет на Грција и дури и преку своето државно име изразувала ’иредентистички намери’, чија цел била припојување на грчкиот регион Македонија со неговиот главен град Солун.

Во суштина, ниту еден значаен политичар од Македонија, која од 2005 година е кандидат за членство во ЕУ, не изразил стремеж за грчка територија. За да се омекне Грција, во Скопје дури и уставот е дополнет со реченицата ’Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави’.

Оној што ги слуша изјавите на атинските министри за загрозеност на Грција од страна на Македонија, порано или подоцна ќе се праша дали грчките политичари всушност и самите веруваат во она што го велат. Од еден извештај на поранешен американски амбасадор во Атина, обелоденет неодамна благодарение на ’Викиликс’, може да се извлече заклучок дека Атина е свесна за апсурдноста на спорот околу името.

Извештајот опфаќа разговор на амбасадорот, воден во февруари 2008 година, со тогашниот грчки опозиционен лидер Теодорос Пангалос. Како министер за надворешни работи во 90-тите години, Пангалос се истакнуваше со своите особено агресивни тиради против Македонија. Денеска тој е заменик премиер. Пангалос го нарекол грчко-македонскиот конфликт ’смешен’ и рекол дека спорот е ’катастрофа уште од почетокот’, стои во извештајот на амбасадорот од Вашингтон упатен до неговото министерство. Натаму во извештајот се вели: ’Со оглед на тоа што Република Македонија постои, на Македонците би требало да им се дозволи да го користат она име што го сакаат. И грчкиот страв од македонски иредентизам, според Пангалос, е ’смешен’, но амбасадорот во својот извештај, притоа забележува дека неговиот гостин тешко дека ќе се осмели истите ставови да ги изнесе и јавно, како што тоа го направил во (веројатно доверливиот) разговор со него.

До денес, ниту еден значаен грчки политичар не го признал јавно она што зад затворени врати го вели не само Пангалос: дека спорот околу името што Грција и‘ го наметна на Македонија е смешен... Конфликтот е закана за, со многу напор стекнатата, стабилност на регионот. Грција не го спречува само зачленувањето на Македонија во НАТО, туку и приемот во ЕУ. Кај македонските Албанци, кои се речиси една четвртина од населението, веќе ’румори’. Тие ионака неволно ја прифатија македонската држава, откако во 2001 година со Охридскиот договор беше ставен крај на борбите слични на граѓанска војна меѓу славјанско-македонските борбени сили и албанските бунтовници. На Албанците во Македонија им е се‘ едно какво име носи државата во која што живеат, но не им е се‘ едно ако Косово, Албанија и Србија еден ден ја претркаат Македонија на патот кон Европа. Албанскиот водач Албин Курти во Приштина на паналбанската флејта веќе ја свири песната за заедничка држава на сите Албанци. Ако вее поволен ветер, мелодијата може да се слушне и во Скопје“, се вели во текстот на ФАЦ „Фиром или иредентистички стремежи“.

Франкфуртер рундшау денеска се занимава со протестите во Хрватска кои траат со недели, а се насочени против политиката на владата. Во текстот со наслов „Народот кој е против“, се опишува состојбата со невработеноста во земјата, особено на младите, и се заклучува:

„Дека ЕУ ќе и‘ помогне на Хрватска да излезе од кризата не верува ниту еден од демонстрантите во Загреб. Повеќето леви и десни организации кои ги координираат протестите се противници на ЕУ, а на народот му е се‘ едно за Унијата. Во јуни, премиерката Јадранка Косор сака да ги затвори преговарачките поглавја со ЕУ. За потоа, една година пред редовниот термин, се најавени избори. За неверојатно се смета дека Косор ќе издржи дотогаш. На Фејсбук премиерката има цели 146 фанови.“

Извор: Франкфуртер алгемајне цајтунг, Франкфуртер рундшау

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски