Филе во Атина ќе побара напредок во спорот за името
1 октомври 2012Еврокомесарот за проширување и соседска политика Штефан Филе денеска во Атина ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, јави дописникот на МИА од главниот град на Грција.
Весникот „Та Неа“ денеска пишува дека се очекува Филе на средбите во Атина да побара да се направи прогрес во решавање на прашањето за името на Македонија, со цел земјата да почне преговори за членство во ЕУ.
За време на престојот во Атина, еврокомесарот ќе има и одвоени средби со премиерот Андонис Самарас, како и со заменикот министер за надворешни работи Димитрис Куркулас.
Посетата на Филе на Грција доаѓа две недели по неговите средби во Скопје со македонскиот државен врв. При посетата на Македонија, Филе изјави оти очекува извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија да биде позитивен, имајќи предвид дека земјата направила многу во процесот на спроведување на обврските преземени со високиот пристапен дијалог.
Во врска со тоа дали позитивен извештај на ЕК за Македонија ќе значи почеток на преговори за членство во ЕУ доколку не постои спорот со Грција, еврокомесарот рече дека одлуките за почеток на преговори ги носат сите членки на Европската унија и оти тоа е политичка одлука.
По посетата на Филе на Македонија, грчките медиуми најмногу се осврнаа на неговата изјава дека „Македонија треба да остане посветена на подобрување на односите со сите соседи“, истакнувајќи го отвореното прашање за уставното име на Република Македонија.
Весникот „То Вима“ тогаш пишуваше дека во Атина има „посебна раздвиженост“ пред објавување на извештајот на Европската комисија за Македонија. Весникот пишуваше дека еврокомесарот Филе поддржува почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ, а потенцира и дека „не исклучено во текстот на извештајот да стои ’македонски јазик’“.