„Тројката“ со позитивни впечатоци заминува од Атина
5 август 2012Советувањата со владата во Атина поминаа добро и е остварен добар напредок, беше соопштено од страна на мисијата составена од претставници на Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија и Европската централна банка на крајот од првата рунда разговори со грчките власти околу натамошните мерки за штедење во презадолжената земја, кои се услов за добивање на нова помош.
Експертите од т.н „тројка“ во Грција се задржаа две недели во проверка на напорите на грчката влада за штедење. На крајот од месецов тие повторно ќе се вратат во земјата за да проверат дали мерките за штедење се спроведуваат. Само пред неколку денови грчките владини коалициски партнери се согласија на дополнителни мерки за штедење во вредност од 11,5 милијарди евра. Тие се предуслов за ослободување на нова транша од помошта на меѓународните доверители во износ од 31,5 милијарди евра во септември годинава. Без овие нови финансиски средства Грција би се соочила со банкрот.
Клучни седмици за останување на Грција во еврозоната
Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас во неделата за дневниот весник „Етнос“ рече дека наредните седмици се клучни за задржување на Грција во еврозоната, доколку не бидат усвоени новите мерки за штедење.
Велејќи дека Грците „поднеле значителни жртви“, министерот за финансии Јанис Стурнарас истакнува дека „седмиците коишто доаѓаат се клучни за опстанокот на државата, бидејќи поинаквите избори од оние коишто ги наложува логиката може да доведат до банкрот и до излегување од еврозоната“.
Стурнарас денеска во Атина ги финализираше разговорите со претставниците на „тројката“ меѓународни кредитори, околу мерките за штедење во износ од 11.5 милијарди евра.