Трамп веќе денеска со документ за муслиманите?
26 јануари 2017„Жалам и ја осудувам одлуката на САД за изградба на ѕид кој со години нѐ дели наместо да нѐ обединува“, изјави мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието во видео-порака по потпишувањето на декретот за изградба на ѕид на границата од страна на неговиот американски колега Доналд Трамп.
Нието нагласи дека неговата земја нема да го финансира градењето на ѕидот: „Постојано повторував дека Мексико нема да плаќа за никаков ѕид“, рече Нието, додавајќи дека Мексико, како „целосно суверена земја“, заслужува да биде почитувана како што таа ги почитува другите земји.
Опозиционите политичари во земјата од претседателот на Мексико побараа да ја откаже за наредната недела планираната средба со американскиот претседател. Сенаторот Мигуел Барбоса плановите за ѕидот и политиката на доселување на Трамп го нарече „акт на агресија против Мексико, Латинска Америка, светот и слободата“.
Трамп брзо ќе ги спроведе плановите за муслиманите?
По потпишувањето на декретот за изградба на ѕид на границата со Мексико, американскиот претседател најверојатно многу брзо ќе ги реализира и своите најави за ограничување на правото за влез на муслимани во САД. „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на документ од Белата Куќа, пишува дека Трамп веќе денеска би можел на неопределено време да го запре влезот на бегалци, особено од муслиманските земји.
Погодени би биле пред сѐ луѓе од Ирак, Иран и Судан, како и Сирија, Либија, Сомалија и Јемен. Ним, како што тврди весникот, би им бил одбиен влез во САД за период од четири месеци. Во тоа време тие би биле подложени на проверка. Исклучок би можело да има за оние бегалци кои се христијани, а бегаат од муслимански земји, каде што биле прогонувани. Белата Куќа не го коментирала подетално документот до кој дошол „Њујорк Тајмс“. Портпаролот Шон Спајсер рекол дека властите ќе ги спроведуваат законите без поговор. „Американскиот народ ќе го има последниот збор за тоа кој смее да влезе во земјата, а кој не“, изјавил Спајсер за „Њујорк Тајмс“.