1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тања Фајон: Сѐ зависи од политичките лидери!

Силвера Падори-Кленке16 декември 2013

Вистински потег би бил Грција, како претседавач со ЕУ да направи компромис околу Македонија,со што би дала позитивен сигнал за проширувањето!„ Но, сѐ зависи од политичките лидери“, вели за ДВ европратеничката Тања Фајон.

https://p.dw.com/p/1ATOe
Фотографија: DW/S. Padori

„Вистина е дека проширувањето не е на агендата на Грција како претседавач со Унијата. Но, не би се откажала од напорите и обидите на Македонија за изнаоѓање решение за спорот за името. И тоа што побрзо. За мене би било вистински потег доколку Грција како претседавач со Унијата, 10 години по самитот во Солун и најголемото проширување во историјата на Европа, направи некаков компромис со Македонија. Тоа би бил позитивен сигнал за целото проширување, за чувството и односите на граѓаните во земјата. Но, сѐ зависи од политичките лидери“, изјави европратеничката Тања Фајон која учествуваше на конференција за Западниот Балкан во Берлин и за ДВ ја коментира состојбата на Македонија пред декемврискиот самит на Европскиот совет во Брисел.

Отворена врата кон евроскептицизмот

Таа го повтори расположението на Европскиот парламент кон Македонија кој повторно дал препорака до шефовите на држави и влади на Унијата конечно да бидат отворени пристапните преговори. Околу најавите за нова блокада на европскиот пат на Македонија од страна на Грција, Фајон вели дека не сака да шпекулира што ќе се случува во наредните шест месеци, и сака да ги коментира само фактите.
„Нешто е сепак сигурно! Атмосферата за решавање на спорот со името не е позитивна. Одлична можност би била сега Грција, како претседавач со Унијата да го направи тој чекор, како позитивна симболична порака дека прoширувањето продолжува. Секако и македонската власт треба да направи исчекор нанапред, но се чини дека ја нема таа сила. Како сѐ останато да е приоритет освен ова. Не сакам да барам виновник, но е навистина штета, зашто во оваа ситуација најмногу губат граѓаните на Македонија. Ако од една страна има блокирање, а од друга има лоша економска и финансиска ситуација, невработеност, социјални проблеми, тогаш се отвораат вратите за национализмите и евроскептицизмот. И тоа е многу опасно за земјата која тежнее кон Европа и која има една цел - европската интеграција“, предупредува Фајон.

Помош од ЕУ

Идејата на еврокомесарот Филе е отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и истовремено паралелно решавање на спорот за името со Грција. Дали ова не е вистинскиот рецепт Македонија да тргне на напред, да се сочува репутацијата на предлозите кои ги дава Комисијата и конечно Грција, како иден претседавач со европскиот Совет да покаже дека се залага за европските интереси и продолжување на проширувањето на Унијата?
„Оваа опција - тие два процеса да течат паралелно ја гледам како реална можност. Но, имајќи го предвид искуството од споровите меѓу Словенија и Хрватска околу отворените прашања за границата и поранешната Љубљанска банка, сметам дека е подобро ваквите работи да се решаваат одделно и директно меѓу двете земји. Секако дека ЕУ би требало да им помогне и на двете земји во постигнувањето договор, но мислам дека и Македонија и Грција треба да направат исчекор во взаемна насока. Моето чувство е дека сега ни Македонија прави кој знае колку многу да се реши ова прашање, а поради лошата атмосфера и тешката економска ситуација тоа не го прави ниту Грција“, истакнува Фајон. Според неа, се изгубило време и Македонија уште денес може да направи многу, доколку интензивно работи на реформите, со што потоа би го скусила времетраењето на целиот пристапен процес.
„Ситуацијата не е поволна ниту во Еврпа, но моја желба е: Македонија што поскоро да стартува со пристапните преговори“, констатира за ДВ Тања Фајон, пратеничка во Европскиот Парламент.

Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Македонија во спорот за името со Грција изгуби многу време!Фотографија: picture-alliance/dpa