1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споменик на Холокаустот во Берлин

10 мај 2005

Коментар на Силке Бартлик

https://p.dw.com/p/AcFa
Споменикот во Берлин
Споменикот во БерлинФотографија: AP

За тоа долго се дискутираше, дури се спореше. Да, токму за споменикот на Холокаустот во Берлин. Сега е изграден и два дена по 60-годишнината од завршувањето на војната – отворен. Тој не може да биде завршна линија, туку многу повеќе долготрајно предупредување.

Треба да и се заблагодари на Леа Рош. 17 години оваа публицистка неуморно се ангажираше за споменик на убиените Евреи во Европа, за неодминлив споменик во центарот на Берлин. Во изминатите години беше сметана за непријател и ја навредуваа, но таа никогаш не се предаде, дури ни кога проектот повеќе од еднаш беше прогласен за пропаднат. Се спореше за многу нешта. За местото и намената, за естетиката и политичката легитимација, за рекламните кампањи, за градителите, за фирмите со историски товар или за тоа дали споменикот нема да ги запостави местата на злосторствата и да ги повлече кон себе. Поранешниот министер за култура Михаел Науман и писателот Мартин Валзер дури го оценија како „монументализација на срамот„.

Три години откако Рихард фон Вајцекер како прв германски сојузен претседател 8 мај 1945 година го означи како ден на ослободувањето, Леа Рош се појави во јавноста со својата молба: споменик за шесте милиони убиени европски Евреи, во земјата на сторителите, во центарот на стариот и во меѓувреме нов главен град кој во свое време беше и со ѕид поделен.

Тоа барање не беше ништо друго, туку нов пресврт во германската култура на сеќавање, барање кое мораше да води до контроверзи како некогаш спорот меѓу историчарите или подоцна тезата на Даниел Голдхаген за совината на сите Германци во злосторствата на национал-социјализмот. А, со тоа и кон обновено соочување со историјата и формите на нејзиното обработување. Не неоправдано, многумина дискусијата за споменикот ја сметаа за вистински споменик. Тие дискусии ќе продолжат и сега откако споменикот на Питер Ајзенман е пристапен за јавноста. Децата ќе си играат околу него, младите ќе доаѓаат на пикник, нео-нацистите веројатно ќе втиснуваат кукасти крстови. Како да се реагира на антисемитските напади во моментов е најжешката тема.

Овој споменик на Ајзерман вистина е непрегледен, но отворен за секого, за неговите мислења и асоцијации. Никому не му ја натура историјата, туку ја одржува подготвена. А, на оние што сакаат поточно да знаат, му презентира факти во „Местото за информации„ кое ја појаснува европската димензија на Холокаустот. Овде се налетува и на другите групи жртви, на Синти и Роми, на хомосексуалци и хендикепирани, на кои споменикот не им е експлицитно наменет. Дали беше исправно? Кој се гледа себе си овде? Прашања што ги провоцира токму споменикот за убиените Евреи во Европа.

Минатото е сегашност, и свети во иднината. Ова непријатно сознание и го благодариме, не како последно, на упорноста на иницијаторката на споменикот, Леа Рош.

Силке Братлик