1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуацијата во Тајланд ескалира

13 април 2009

Тајландската војска употреби солзавец и пукаше во воздух за да ги растера демонстрантите во Бангкок. Голем број лица се повредени. Во земјата се уште е на сила одлуката за вонредна состојба.

https://p.dw.com/p/HVal
Во справувањето со демонстрантите интервенираше и армијатаФотографија: AP

Во главниот град на Тајланд, Бангкок и покрај воведената вонредна состојба дојде до тешки судири меѓу полицијата и демонстрантите, кои се противници на владата во земјата. Не осврнувајќи се на забраната за собирање, илјадници припадници на опозицијата во Бангкок, се собрале на една голема раскрсница во градот и на тој начин ги блокирале улиците. Тајландската армија употребила солзавец и пукала во воздух за да ги разбие демонстрантите кои ги гаѓале со молотови коктели и камења. Повредени се најмалку седумдесет лица. Претставник на тајландските власти потврди дека има најмалку двајца потешко повредени, но ги демантираше информациите дека војниците убиле неколку лица. Од лекарски извори е потврдено дека две лица имаат прострелни рани.

Asean Gipfel in Thailand Protest
Демонстрантите се приврзеници на поранешниот премиер ШинаватраФотографија: AP

Демонстрантите бараат оставка од премиерот

Портпаролот на владата во меѓувреме изјави дека војниците успеале да ја расчистат раскрсницата и дека голем број демонстранти се приведени. Тајландската армија за првпат од воведувањето на вонредната состојба употреби сила против демонстрантите кои веќе неколку дена протестираа со барање за оставка на премиерот Абсихит Веџаџива. Ситуацијата се разгоре откако над 1000 демонстранти во саботата упаднаа во хотелот во талјандскиот туристички центар Патаја, каде требаше да се одржи самит на земјите од АСЕАН. Лидерите на овие земји беа безбедно евакуирани, а средбата беше откажана. Потоа владата воведе вонредна состојба.

Инаку антивладините демонстранти се дел од таканаречените „црвени кошули“, односно група приврзаници на поранешниот премиер Таксин Шинаватра кој во 2006 година беше соборен од власт поради обвиненија за корупција. Тој најави дека во секое време може да се врати од егзил за да ја смири ситуацијата во земјата.


Автор: НГ/дпа/афп/бета/ројтерс

Редактор: Невена Георгиевски