1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите напредувале, само БиХ заостанувала?

Марина Максимовиќ / Александар Методијев23 јули 2013

ЕУ постојано повторува дека ја поддржува европската перспектива на БиХ, но вчера (22.07.) повтори и дека е загрижена и оти жали за недостатокот на напредок во земјата. Пораката ја прати Советот на министри на ЕУ.

https://p.dw.com/p/19ByT
Фотографија: picture alliance/dpa

Шефовите на дипломатијата од ЕУ на својот последен состанок пред летната пауза уште еднаш ја разгледаа состојбата во Босна и Херцеговина. И овојпат од Брисел стасаа зборови на загриженост и жалење за доцнењето на БиХ на европскиот пат.

„Потсетувајќи на заклучоците од декември 2012 година, Советот ја изразува загриженпст за недостатокот од напредок во БиХ на патот кон ЕУ. Додека останатите земји напредуваа, БиХ заостанува“, се наведува во последните заклучоци на 28-те министри за надворешни работи од ЕУ.

Во декември минатата година Советот на ЕУ ја прифати оценката на Европската комисија дека напредокот во БиХ е „ограничен“ и апелираше до босанскохерцеговските политички лидери да ги интензивираат напорите во остварување на преземените обврски „поради своите граѓани и земјата“. За таа цел е нагласена неопходноста од формирање стабилни власти на сите нивоа, кои како приоритет ќе го имаат фокусирањето на европската агенда на БиХ.

Bosnien-Herzegowina EU Beitritt Symbolbild Flaggen
ЕУ смета дека напредокот во Босна и Херцеговина е ограниченФотографија: picture-alliance/dpa/DW

Финци е предуслов за продолжувањето на евроинтеграциите на БиХ

Советот на министри изразува „посебно жалење“ поради неуспехот на политичките лидери во БиХ да ја применат одлуката во случајот „Сејдиќ Финци“, која Европскиот суд за човекови права ја донесе уште пред три години. Од Брисел се предупредува дека БиХ со непостапувањето по овој случај ги крши своите меѓународни обврски.

„Советот е загрижен и поради можните импликации што ова би можело да ги има на изборите во БиХ во 2014 година и затоа ја повикува земјата како приоритетно да го усогласи својот устав со Европската повелба за човекови права. Неопходен е соодветен напор во тој правец за Договорот за стабилизација и асоцијација на БиХ да стапи на сила“, се наведува во соопштението од Советот на министри од ЕУ.

ЕУ: Ќе ви помогнеме, ама работата е ваша

За Советот на министри од ЕУ договорот на политичките лидери во БиХ за примена на пресудата во случајот „Сејдиќ Финци“ е „итно прашање“. Тие го повикуваат раководството во Сараево конструктивно да соработува со ЕУ, потсетувајќи на улогата на специјалниот претставник на ЕУ и шеф на делегацијата на ЕУ во БиХ. Како и секојпат до сега, ЕУ и’ порача на БиХ дека останува посветена на европската перспектива на земјата. Европскиот пат сепак е патека која Босна и Херцеговина би морала да биде способна сама да ја мине, со секогаш подготвената поддршка од европските партнери.