030909 Obama Amerikaner
3 септември 2009Од месец во месец рејтингот на американскиот претседател Барак Обама кај избирачите покажува надолен тренд. За првпат од доаѓањето на функцијата во јануари, мнозинство од партиски неопределените граѓани на САД негативно ја оценуваат неговата политика. До вакви резултати дојдоа анкетите на јавното мислење што ги спроведоа ТВ станиците СНН и ЦБС.
Како главна причина за опаѓањето на популарноста на Обама анкетите ја истакнуваат воената мисија на светската супер сила во Авганистан. Претседателот постојано аргументира дека со ангажманот во Авганистан сака да ја гарантира безбедноста на Америка, што ја загрозуваат терористичката мрежа на Ал Каеда и талибанците. На крајот на краиштата, станува збор за безбедноста на целиот свет.
„Во Авганистан сме за да му се спротиставиме на заедничкиот непријател, кој им се заканува на САД и на нашите пријатели и сојузници“, нагласува Обама.
Но, глобалната закана од тероризам се чини малку ги интересира американските граѓани. Тие многу повеќе се загрижени за растечкиот број американски жртви на боиштата во Авганистан. Во меѓувреме, бројот се искачи на преку 800, само во август загинаа 46 американски војници. Поради тоа дури 40% од анкетираните Американци се залагаат за повлекување од Авганистан. Поддршка за најавите на Обама дека ќе испрати нови 6 илјади војници даваат само уште 25% од анкетираните граѓани. Со тоа на претседателот му се заканува натамошно опаѓање на популарноста.
Што сака претседателот во здравството?
За намалување на популарноста на Обама може да придонесе и долгата и бурна дебата околу главниот внатрешно-политички проект на претседателот, реформата на задравствениот систем. Растечки број Американци си го поставува истото прашање како водителот на емисијата на ТВ станицата СНН:
„За што станува всушност збор во оваа реформа, што сакате да постигнете со неа?“
Во меѓувреме, повеќе од половината анкетирани Американци се против реформата на здравството. Притоа важна улога играат трошоците што би ги донела реформата на здравствениот систем.
Автор: Ралф Зина/ Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска