„Сведоците“ на Павле Кузмановски во Берлин
27 март 2009Сериозни лица на мудреци со бели бради. Со поглед кој предупредува или со поткрената рака. Со отворена уста на недореченото. Со лик кој се губи во маглата на надреалното. Вака импресивни се “Сведоците” на Павле Кузмановски кои берлинската публика треба да ја потсетат на едно катче во Европа каде уметникот е господар на своите мисли, креација , време. Кузмановски, кој зад себе има десетици претставувања ширум светот, во Берлин е првпат.
„ Ова е повеќе индивидуална презентација на Павле Кузмановски со три циклуси, кои јасно го покажуваат неговото дело. Ова е мал избор од неговото творештво за публиката сакавме да издвоиме нешто поекспресивно еден правец кој е близок до германската публика“, вели еден од курарторите на изложбата Климе Коробар.
Синтезата меѓу класичното и модерното
“Сведоците” како што вели Кузмановски се негова преокупација од осумдесеттите. Од една слика се родила серија на која уште не и се гледа крајот. Стоејќи пред „ Сведокот со капа“, го прашуваме авторот: како е создадена сликата? Како твори?
„ Денот е мал за една слика. Сликите се прават со денови, недели или месеци. Има моменти кога се прави за два дека И тоа е веке негогаш неповторливо. Така и примерот со „Сведокот со капа“. Тука нема повторување. Создаден е акварелски. Сум сметал да биде подлога, една скица. Но кога почна се суши, ме повлече дека е доволно да остане така го иставив. И еве случајно се најде во централниот дел од изложбаѕа, на поканата, на плакатот“, вели Кузмановски.
За Евтим Клетников, сликарството на Кузмановски е синтеза мегу класичното и модерното. Вели, си дозволува да го именува како класичен модернизам. “Сведоците” ги следи уште многу одамна и вака ги толкува:
„ Се работи за една извонредна серија на имагинарни портрети кои имаат врска со стариот завет затоа што првата асоцијација е со старославните пророци кои биле и визионери и пророци и големи поети. Еремија, Исаија, Езекил, Дамнаил, праведникот Јов“, вели Клетников.
Македонија има убави моми
Пејсажите на Кузмановски се инспирирани од неговото Тетово, од Шара, околината, каде е роден, живее и ќе остане. Тоа се негови предели, бои, атмосфери. Вистински контраст на „Сведоците“, меѓутоа се нежните, префинети, транспарентни ликови на „Девојките“ кои Кузмановски ги создавал во континуитет и паралелно со сериозните ликови кои будат мистични пориви. Тоа се македонски „Мона Лизи“, за кои Кузмановски забележува:
„ Македонија има убави моми и тие го карактеризираат нашето подбнебје. Со убава става, носија. Тие се создадени на посебен начин и со мој стил кој го открив спонтано. Со срма и бисер, кои се белег на македонската носија. И момите како и сведоците се измислени, универзални ликови“.
Автор: Силвера Падори
Редактор: Симе Недевски