Самарас се откажа од составување влада
8 мај 2012Шефот на конзервативците Антонис Самарас, кој прв доби мандат од претседателот Каролос Папуљас за состав на влада, синоќа (07.05) се откажа веќе по неколку часа разговори.
„Направивме колку што можевме. Нова демократија не е во состојба да состави коалиција“, резигнирано објави Самарас.
Денеска Папуљас мандатот ќе му го даде на лидерот на левичарската алијанса Сириза Алексис Ципрас. Левичарскиот сојуз, кој на изборите беше на второ место според бројот на освоени гласови, отфрла можност за коалицирање со конзервативците. Ципрас сака коалиција со левицата за, како што вели, да го урне „варварскиот“ диктат на штедење од страна на меѓународните донатори. Успехот на левичарите за состав на влада е под голем знак прашалник.
Лидерот на социјалистите, Евангелос Венизелос пак соопшти дека е подготвен да учествува во влада на национален спас. Како коалиционен партнер во предвид доаѓаат Независните Грци. Оваа претежно антиевропски десноориентирана партија има 33 седишта во парламентот и освои околу 11 проценти гласови. Се шпекулира и со поврзување со малата умерена партија Демократска левица, која има 19 места во парламентот и која освои доверба од шест проценти од гласачите. Меѓутоа, нејзиното раководство засега одби секакво коалицирање.
Очигледно веднаш по парламентарните избори се отвори дилемата дали Грција воопшто ќе добие нова влада до 17-ти мај. Ако рокот не биде запазен, до средината на јуни ќе мора да бидат одржани нови избори.
Куси рокови за состав на владата
Грчкото министерство за внатрешни работи доцна синоќа ги соопшти резултатите од парламентарните избори. Според нив, Нова демократија на Самарас освоила околу 19 проценти од гласовите и со тоа и покрај големиот изборен дебакл е најсилна партија. За социјалистичкиот ПАСОК гласале 13 насто од избирачите.
Според уставот, првопласираната партија има рок од три дена за состав на влада. Ако не успее, на ред доаѓа второпласираната на изборите партија, па третопласираната и така со ред.
Но, на Грците времето им истекува. Меѓународните кредитори до крајот на мај очекуваат влада способна да ја води земјата, во спротивно ќе ги затворат славините за доток на неопходните свежи пари за висосокозадолжената држава. Последицата може да биде банкрот на Грција. Од почетокот на финансиската криза пред две години, милиони Грци на своја кожа ги почувствуваа последиците.
Меркел бара реформи
Германската канцеларка Ангела Меркел во првите изјави по грчките парламентарни избори е воздржана со совети, но побара натамошно спроведување на реформите.
„Се разбира, од најголемо значење е натамошното продолжување на програмата која е заеднички договорена со Грција“, изјави Меркел.
Европската комисија, пак, на Атина и‘ вети натамошна поддршка во курсот наштедење и спроведувањето реформи.