Русите се за дијалог меѓу Путин и демонстрантите
13 април 2012Протестите во Русија против фалсификувањето на изборите и за поголема демократија предизвикаа значително ехо: дури 89 проценти од граѓаните слушнале за нив, 32 насто ги поддржуваат - значи не станува збор за некакво незначајно малцинство, како што тврдат претставници на Кремљ. Сепак, повеќето - 44 проценти, категорично ги отфрлаат. Речиси една четвртина (24 проценти) немаат став во однос на протестните акции.
Протестите не се генерациски конфликт
Ова се резултати од трендот за април 2012-та, а произлегуваат од репрезентативното истражување на јавното мислење спроведено во Русија од страна на институтот ИФАК, по налог на руската редакција на ДВ. Опфатени биле илјада граѓани од цела Русија, на возраст помеѓу 18 и 65 години.
Трендот покажува дека протестите не се феномен на младите. Навистина, тие имаат највисока подршка од 37 насто испитаници во старосната група 18 - 29 години. Но, и 30 проценти од повозрасните се искажаа во прилог на протестите. Оттука, тие не можат да бидат сметани за генерациски конфликт, туку за серуски феномен.
Помина времето на бескомпромисно владеење?
Можат ли протестите трајно да го променат руското општество и да влијаат врз иднината? Да, веруваат 36 насто од испитаниците. Но, половината (50 проценти) сметаат дека нема да има никакви влијанија.
Резултатите од анкетата не оставаат никави дилеми во однос на прашањето за можен дијалог меѓу претставници на протестното движење и идниот претседател Владимир Путин: убедливо мнозинство од 68 проценти на анкетираните се залага за таков дијалог, а само 18 насто го одбиваат. Ова укажува на шансата за пошироко меѓусебно разбирање меѓу различните политички табори во Русија. Се чини дека Русите сметаат оти помина времето на бескомпромисен и авторитерен стил на владеење во нивната земја.
Граѓанското општество уште нема солидна база
Но, и натаму недостасува солидна општествена база за изградба на некаква опозициска инфраструктура. Само 13 проценти од испитаниците наведоа дека имаат намера и во иднина политички или општествено да се ангажираат, а дури 80 проценти отфрлаат таков ангажман. Таа висока бројка покажува дека граѓанското општество во Русија стои на стаклени нозе.