1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции на нападите во Лондон

7 јули 2005

Прилично е јасно дека зад експлозиите стојат терористи, изјави британскит премиер Тони Блер, кој од Глениглс каде што во тек е самитот на групата осум, денеска доаѓа во Лондон, а потоа повторно се враќа во Шкотска. Особено е варварски, рече Блер, што нападите се случуваат на ден кога луѓето се среќаваат во обид да помогнат за сиромашните во Африка и за решавање на проблемите на климата во светот.

https://p.dw.com/p/AcEB
Фотографија: AP

“Важно е оние што се вмешани во тероризам да знаат дека сме решени да ги браниме нашите вредности. Нашиот начин на живеење е поголем од нивната определба за сеење смрт и деструкција против недолжни луѓе, со желба да се предизвика екстремизам во светот“, рече Блер.

Нападите очигледно требаше да се поклопат со почетокот на средбата на групата осум, изјави Блер, и најави дека самитот сепак ќе продолжи. Пред новинарите во Глениглс, лидерите на Г8 со заедничко тврдење и определба дека теророт нема да победи.

Теророт повторно удира во срцето на Европа и погаѓа земја која претседава со ЕУ и со групата осум, рече по нападите во Лондон, европскиот комесар за безбедност и правда, Франко Фратини. Европската комисија им вети поддршка на роднините на жртвите од терористичките напади во Лондон. Портпарол во Брисел соопшти дека комисијата е во тесен контакт со британските власти и внимателно ги следи случувањата.

Во Европскиот парламент, кој заседава во Стразбур, минута молчење за жртвите од нападите. Престедателот на парламентот, Жозеп Борел:

“Сите ние сме денеска со вас, граѓаните на Британија и нема никогаш да дозволиме тероризмот да ги победи вредностите како мир и демократија во Европа. “

Серијата напади во Лондон, предизвика страв од терористички напади во целиот свет. Француската влада го зголеми степенот на подготвеност и предупредување на вториот највисок степен. Францускиот премиер, Доминик де Вуилпен, изрази своја најдлабока солидарност со британската влада и население. Во Вашингтон, во подземанта железница веќе патролираат вооружени луѓе од безбедносните служби со кучиња. И патниците во железницата и автобусите се предупредуваат да бидат внимателни и да пријават доколку забележат нешто сомнително. Австралиската влада воведе посебна телефонска линија на која ќе можат да се добијат информации за судбината на роднините или пријателите во Лондон. Во главниот град на Британија живеат најголемиот дел од околу 300 илјади Австралијци во таа земја.

Нервоза и на пазарите на капитал. Сепак, според некои проценки на аналитичарите, нападите ќе имаат само кусо влијание врз берзите. Тоа е вообичаено однесување во вакви случаи, тврди минхенскиот Ифо институт, и додава дека сеуште е рано да се процени влијанието на нападите врз целокупната економија.