1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Раката на Ердоган досега до Берлин

Геро Шлис / превод: ЗЈ28 јули 2016

По обидот за пуч во Турција има насилство и закани и меѓу Турците во Германија. Легитимно е прашањето за нивната лојалност, но тоа ги открива и нашите сопствени пропусти, смета Геро Шлис.

https://p.dw.com/p/1JX2l
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Rosar

Во јавноста излезе едно тешко сомневање – дека околу триста илјади Германци со турско потекло не го почитуваат уставот и нашите суштински вредности како слобода на искажување на мислење и слобода на вероисповед. Некои веќе зборуваат за петта колона на Ердоган, на која веќе не може да ѝ се верува. Тоа може да е претеран страв или полемика, но Германците уплашени од терор во моментов реагираат особено чувствително на такви пароли.

По обидот за пуч во Турција и овде кај нас се отворија јазови за кои долго време не знаевме – или не сакавме да знаеме. Пропаднатиот пуч и масивната интервенција на претседателот на Турција Ердоган во сферата на граѓанските права предизвикаа длабоко разијдување во турската заедница во Германија. Настана јаз внатре во семејствата и меѓу соседите, независно од припадноста на одреден социјален слој или професионална група.

Речиси насекаде се гледа истата мостра на однесување: приврзаниците на Ердоган гласно го бранат разградувањето на правната држава во Турција и со заплашувачки гестови не дозволуваат каква било критика, додека критичарите на Ердоган дејствуваат претпазливо, веќе и не се осмелуваат да се појават во јавноста и стравуваат од насилни напади, а такви веќе имаше.

Веќе не сме стопан во сопствената куќа?

Јазот натамошно ќе го продлабочат демонстрациите на илјадници приврзаници на Ердоган, но и контрадемонстрациите, најавени за в недела во Келн.

Кај многумина Германци веќе се шири чувството дека не сме стопан во сопствената куќа. Тоа е разбирливо, но претставува погрешна перцепција. Турските работници и нивните семејства ние ги поканивме трајно да живеат во нашата куќа. Сега таа е и нивна куќа и тие се добредојдени сѐ додека го почитуваат куќниот ред, односно додека ги почитуваат законите.

Затоа е повеќе од неразумно од страна германските политичари уште во предигра на големиот собир во Келн да се става под прашање правото на демонстрирање. Тоа право им следува и на Германците со турско потекло, како и на странските државјани. Тие имаат право да го изразат својот став во однос на постапките во нивната турска татковина.

Но, мора да биде исто толку кристално јасно дека ние не трпиме никакво насилство и никакви заканувачки гестови и против сторителите постапуваме со сета острина на правната држава. Тоа мора да се однесува и на припадниците на турската тајна служба. Џем Ездемир, копретседател на партијата на Зелените, веќе предупреди дека раката на Ердоган не смее да досегне до Берлин. Тој побара од сојузната влада конечно да му се покаже знакот „стоп“ на турскиот претседател кој се меша и овде. Ездемир има право.

Schliess Gero Kommentarbild App
Геро Шлис

Силата на Меркел да покаже знак „стоп“

Иронија е дека токму самата канцеларка Меркел со договорот за бегалците и со дипломатските обѕири индиректно го охрабри Ердоган на тоа мешање. Нејзината за денеска набрзина свикана прес-конференција мора да покаже дали таа уште има сила на Анкара да ѝ го покаже знакот „стоп“.

Но, со тоа уште не е разјаснето и прашањето за лојалитетот на турската заедница. Тука не е доволен само знакот „стоп“. Една понова анкета на агенцијата Емнид, спроведена меѓу граѓани со турско потекло, го обелодени она што Германците долго време го потиснуваа: широко се распространети исламистичко-фундаменталистички ставови. За 47 проценти од испитаниците е поважно почитувањето на религиозните заповеди, отколку на германските закони. Една третина од испитаниците пледира за повторно воспоставување на општествениот поредок од времињата на пророкот Мохамед. Сите без исклучок се чувствуваат недоволно социјално признати.

Наша одговорност

Со оглед на тие загрижувачки бројки, мора и германското мнозинско општество да се преиспита себе си. Ние предоцна почнавме со сериозна политика на доселување и со разговори за нашите вредности. Предолго само набљудувавме како Турците овде се изложени на расизам и дискриминација. Недоволно сериозно му пријдовме на проблемот на нивниот конфликт во однос на лојалноста кон нивната татковина.

Да ги направиме обете работи: бескомпромисно да бараме придржување кон демократските правила на играта, но и да ги внесеме нашите турски соседи во нашето општествено средиште, а со тоа и во нашите гледишта. Само така Ердоган не ќе може вечно да ја одржи контролата врз нив.