Престројувања во ДУИ
28 април 2009Таинствената и затворена седница на партискиот врв на владеачката ДУИ на викендот беше само формална. Лидерот Али Ахмети очигледно е под остри критики. Прва причина се изборните резултати: изгубени градоначалнички места и влијанија, посебно во Тетово, намалена поддршка кај албанскиот електорат за 21 процент во однос на ланските парламентарни избори, како и двојно помалку освоени гласови на Агрон Буџаку, како претседателски кандидат на ДУИ, наспроти Имер Селмани од Нова демократија. Очигледно е дека во ДУИ има значителни турбуленции.
И опозицискиот блок во албанскиот табор е засилен поради падот на влијанието на ДУИ.
„Али Ахмети е делигитирам политички тотално, би било добро да даде оставка“, изјави за време на викендот Мендух Тачи, лидер на ДПА, кој политички се осоколи по освојувањето на градоначалничкото место во Тетово.
Доаѓаат нови сили
Ваквото ехо од политичката јавност допре до ДУИ, која со сите слабости се‘ уште е доминантна партија во албанскиот електорат. Доаѓањето нови млади личности наспроти т.н. политички ешалони од борците на ОНА, кадровската чистка или обнова би требало да заврши до вториот партиски конгрес во ноември. Тоа е клучниот заклучок од неколкучасовниот собир на партискиот врв на ДУИ.
„По сево ова, ДУИ треба да сфати дека има ужасен непријател, самата себе, што не успеа да се етаблира како партија. За мене најнегативен процес во албанскиот политички блок е тоа што Албанците одат кон тоа во секој град да имаат своја политичка партија“, вели аналитичарот Ким Мехмети.
Оваа констатација завчера ја потврди и новиот градоначалник на Гостивар, Руфи Османи. Тој најавува формирање своја партија. Со оглед на неговиот имиџ и улога на универзитетски професор на Ван дер Штуловиот универзитет, во ДУИ стравуваат дека младата интелектуална елита кај Албанците би се определила токму за Руфи Османи.
Незадоволството на ДУИ расте и поради подредената положба во владата, пишуваат македонските весници.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Жана Ацеска