1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По тешката ноќ, и тежок ден за ДИК

16 декември 2016

Денеска во 12 часот ќе продолжи јавната расправа на ДИК за приговорите на партиите. Досега се отфрлени четири приговори на СДСМ и седум на Беса. ДИК ноќеска работеше под притисок од партиски собир на ВМРО-ДПМНЕ .

https://p.dw.com/p/2UMkS
Mazedonien Parlamentswahlen
Фотографија: DW/ P. Stojanovski

Рано утрово во три и пол часот, Државната изборна комисија ја прекина јавната расправа за приговорите на политичките партии и ќе ја продолжи денеска во 12 часот. До прекинот на седницата беа отфрлени четири приговори на СДСМ и седум приговори на Беса. За осмиот приговор на Беса ДИК одлучи да биде направено графолошко вештачење на потписот на Фатиме Сулејмани, која дојде да сведочи дека ѝ било оневозможено правото на глас. Вештачењето треба да утврди дали таа или некој друг во нејзино име се потпишал на Избирачкиот список. Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ ваквата одлука ја нарече скандалозна.

„Државната изборна комисија донесе скандалозна одлука да се изврши графолошка анализа за жена која двапати се обидела да го искористи правото на глас. Ова е незапаметено во историјата на Македонија. Ја повикуваме ДИК да ја коригира ваквата одлука“, рече Тодоров.

Се огласи и Беса, со став дека ДИК уште еднаш потврдила оти носи одлуки со политички диктат.

„Беше многу болно да гледаш како албанските претставници во неа, тие од ДУИ, ДПА и тој кој наводно е независен, го штитеа интересот на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски, повеќе и од самите претставници на Груевски во оваа Комисија. Почитувани активисти на ДУИ и на ДПА, многу ни е жал за вас, но денеска вашите претставници во ДИК не ѝ одзедоа пратеник на Беса, тие им одзедоа пратеник на Албанците во Македонија и му го дадоа на Груевски. Ова беше тоа што ние ви го кажувавме пред изборите: гласот за ДУИ е глас за ВМРО и за Груевски“, рече Арјанит Хоџа, член на Централното претседателство на Беса.

Mazedonien Wahlkommission (DIK)
Седницата продолжува напладнеФотографија: Agentur MIA

Поздрав до амбасадорот“

Седницата на ДИК од синоќа се одвиваше под притисок на приврзаници и членови на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои се собраа пред седиштето на Комисијата за да ѝ порачаат дека нема да дозволат да им биде украдена изборната победа. Металната ограда и полицискиот кордон останаа во сенка на гласното скандирање, звуците на зурли и тапани и бројните обраќања преку кои беше испратена порака дека ДИК ќе носи историска одговорност за настаните што ќе следат, ако со нејзините одлуки се поништи изборната волја на 455.000 граѓани кои го дале гласот за Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу присутните беа и директори на училишта, на државни институции, вработени во администрацијата, актери... Говорите изобилуваа со скандирања „Ќосето е жив“, со навреди, говор на омраза и поделби и со закани за „крај на трпението и гнев на народот“. Дел од говорниците рецитираа стихови и потсетуваа на трагични и пресвртни датуми од историјата. Антонио Милошоски, Влатко Ѓорчев и Илија Димовски во своите обраќања ја повикаа ДИК да ја признае „чистата победа на ВМРО-ДПМНЕ“. Директорката на Комисијата за односи со верските заедници, Валентина Божиновска, рече дека ова е „ноќ на ножевите“, градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, упати порака до „измеќарите на странските служби“, а директорот на Државниот архив, Филип Петровски, се обрати до неименуван амбасадор, додека собраните скандираа „лопови, лопови“.

„Тие се обични бараби. Добија сѐ што сакаа. На глава ни се качија. Сите споменици ги испоганија низ Скопје. Сега велиме доста е. Ниедна ограда нема да нѐ стопира ако тргнеме. Нашето трпение е пред крај. Удрете тапани да ве чујам! (...) Да му пратам и личен поздрав на амбасадорот и да му кажам: Не ги закрвувај односите на двете држави, одлични се, и ги градиме четврт век. Ти си и онака на заминување. Ќе дојде амбасадор кој ќе ја почитува повеќе Македонија. Тргни се од Државната изборна комисија, не им давај сила да прават немири, не ни треба нов Таксим и нов Киев. Во Македонија победи македонскиот народ  и немој да го провоцираш веќе“, му порача Петровски на „амбасадорот“.

Mazedonien Wahlen
Проблемот е во Избирачкиот список, вели Џабир Дерала од „Цивил“Фотографија: DW/ P. Stojanovski

Хаварија со списокот

Партиските приговори и собирите пред ДИК беа тема и на вчерашните дебатни емисии. Џабир Дерала од граѓанската организација „Цивил“, која имаше акредитирани набљудувачи на изборите, проблемот го посочи во Избирачкиот список.

„Три дена пред изборите имаше хаварија со Избирачкиот список. Политички центри на моќ постојано тврдеа дека нема фантоми, а ние фантомите ги уловивме на самиот ден на гласањето“, рече Дерала во емисијата „Клик плус“ на ТВ21. Како проблем ги посочи и 37-те илјади неважечки ливчиња.

Аналитичарот Башким Бакиу смета дека партискиот собир пред канцелариите на ДИК не е ни случаен, ни спонтан.

„Во Македонија политичките партии се над државата. Партиите ја узурпираа државата. Ова со собирот очигледно е дека се работи за наредба. Големата излезност ја казни актуелната власт, која по 'бомбите' ќе треба да се соочи со правдата. Оваа толпа утре ќе се прелее пред Управниот суд и така ќе се манипулира и со изборните резултати и со граѓаните за да се остане на власт“, рече Бакиу.