1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна безбедносната конференција во Минхен

Андреас Нол4 февруари 2006

Во Минхен денеска и утре се одржува Конференцијата за безбедност, на која околу 40 министри од светот, воени стратези, аналитичари и индустријалци од браншата со оружје разговараат за надворешно-политички и безбедносни прашања. Конференцијата денеска ја отвори германската канцеларка, Ангела Меркел.

https://p.dw.com/p/Ac9E
Конференцијата ја отвори германската канцеларка, Ангела Меркел
Конференцијата ја отвори германската канцеларка, Ангела МеркелФотографија: AP

Континуитет во германската безбедносна политика, но со нови акценти. Германската канцеларка, Ангела Меркел, во Минхен се надоврза на говорот на Герхард Шредер од претходната година и побара променета улога на НАТО.

“Од мој агол на гледање, тоа мора да биде организација во која постојано ќе се прави заедничка анализа на заканите. Таа мора да биде место каде ќе се водат политички консултации за новите конфликтни региони и место на кое ќе бидат координирани политичките и воените акции.“

Само доколку во НАТО не се најде единствен став околу конфликтите, треба да се бараат други патишата. Меркел, на конференцијата која годинава се одржува под мотото “Обнова на трансатлантското партнерство“, уште еднаш ја нагласи важноста на германскиот однос кон Вашингтон:

“За нас во Германија, европското единство на една страна и трансатлантското партнерство на друга страна се столбовите на надворешната и безбедносната политика. И, велам со потенцирање, обединета Германија е подготвена, во рамки на вакви предуслови да преземе поголема одговорност, и тоа одговорност и надвор од нашите граници, а обезбедување на слободата, демократијата, стабилноста и мирот во светот. “

Кон ваквиот ангажман се вбројува и Ирак. Англеа Меркел даде уверување дека Германија и во иднина ќе учествува во обновата на земјата, на пример преку обука на полицајци и војници. На тој начин, таа индиректно им стави до знаење на грабнувачите на двајцата Германци во Ирак дека Берлин нема да ги исполни нивните барања за прекин на соработката на Берлин и Багдад.

Како најголем предизвик за глобалната безбедност, во моментов, Меркел ги спомена нуклеарните планови на Иран. Проценка, која според иранскиот заменик министер за надворешни работи, Абас Аракчи, не држи:

“Пред три години ние со добри намери ги почнавме преговорите со ЕУ и направивме се за соработка. Ги запревме сите нуклеарни активности, но по три години преговори стоиме со празни раце.“

Според Аракчи, доколку Советот за безбедност се занимава со случајот Иран, Техеран ќе ја запре соработката со меѓународната заедница. За такво нешто има дури и соодветен закон. Меркел со одговор: “Тогаш ќе мора да го промените законот.“

Дека безбедносната политика на 21 век ги надминува воените рамки, стана јасно и во Минхен. Германската канцеларка се изјасни и околу безредијата во муслиманскиот свет по објавувањето на карикатурите на Мухамед.

“Јас разбирам дека се повредени верските чувства, но сакам да ставам јасно до знаење дека нема основа за примена на насилство. Овде има и контра-судир, со правото на слобода на мислење и на печат, и државата нема можности да се вмеша.“.

Веднаш по Меркел, говор имаше и американскиот министер за одбрана, Доналд Рамсфелд. Тој го опишува Иран како најголем поттикнувач на државен тероризам во моментов, и во негови раце во никој случај не смее да се најде атомско оружје. Рамсфелд го подготвува западот на долга борба против тероризмот и апелира до сојузниците да ги зголемат издатоците за оружје, за да се овозможи, како што вели тој, успешен отпор против глобалниот екстремистички исламски рајх.