160409 Indien Wahlen Gewalt
17 април 2009Кога се гласа во земјата со најголем број граѓани, а со демократско уредување, тогаш е тоа неизводливо во еден ден. Веќе и од безбедносни причини изборите во Индија се одржуваат во пет термини. Па сепак, марксистичките бунтовници, наречени наксалити, успеаја со насилство да го засенат демократскиот процес. Во некои индиски сојузни држави тие ги нападнаа силите за безбедност и избирачите, имаше и повеќе убиени лица. Наксалитите со години водат герилска борба против државните органи, особено во посиромашните сојузни држави - наводно за поправедно општество, но до него се обидуваат да стигнат со крвав терор.
„Наксалитите имаат интерес во областите што ги контролираат луѓето да не одат на гласање. Тоа го постигнаа. Можеби немаше премногу жртви, но тие ги заплашија избирачите и така изнудија никој да не се реши да излезе и да го ризикува животот“, вели оваа жена, познавач на политичките околности.
На некои места регистирани се сериозни пречки при гласањето
На други места изборите поминаа мирно. Со мала фотографија в рака, луѓето стрпливо во долги редици чекаа да бидат регистрирани, за да можат да гласаат со притискање на соодветното копче во гласачките кабини. Во Индија се гласа по електронски пат.
За многумина гласањето беше поврзано со сериозни пречки. „Прво воопшто не сакав да гласам, но се премислив. Не сакам да победи погрешен кандидат. Ако не излеземе на изборите, нема да биде слушнат нашиот глас“, вели човеков од сојузната држава Ориса. Таму христијаните минатата година беа гонети од фанатични хиндуси, па тој живее во бегалски камп и на гласање дојде со полициска придружба.
Резултати од гласањето кон средината на мај
Експерти спроти изборите предвидуваа дека која и да е од големите партии - Конгресната, предводена од Соња Ганди, и хинду-националистичката Баратија џаната - ќе има проблем да формира стабилна влада. Сиромашното селско население не се интересира многу за темите на градскиот среден слој - стопански пораст, тероризам, па затоа им се предвидуваат добри шанси на помалите партии. За која партија најмногу се исплатеа демократските напори Индијците ќе дознаат дури по еден месец - во меѓувреме ќе следува гласање во уште четири различни термини.
Автор: Кај Кистнер / Зоран Јордановски
Редактор: Александра Трајковска