1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Популарноста на политичарите во невиден пад

Хелена Кашел
31 јануари 2019

Во светот се зголемува незадоволството од водечките политичари, покажува студијата на институтот Галуп. Сѐ укажува на нестабилност, предупредува социологот Канчо Стајчев од Галуп во интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/3CUOn
G7-Gipfel in Kanada
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Меѓународната асоцијација Галуп, здружение на институти за истражување на јавното мислење, секоја година ја истражува популарноста на  најмоќните премиери и претседатели во светот. За овогодишната студија биле испитани 47 илјади луѓе во 45 земји во периодот од октомври 2018 до јануари 2019 година.

ДВ: Господине Стојчев, кој резултат од овогодинешната студија најмногу Ве изненади?

Канчо Стојчев: Изненадува што за првпат забележуваме пад во популарноста на сите оценети политичари во светот. Тоа никогаш досега не се случило. Обично политичарите се движат час нагоре, час надолу, но досега не се случило сите заедно да поминат полошо од претходните години. Во светот нешто се случува. Не се работи само за прочуениот јаз помеѓу елитите и масата, помеѓу политичките лидери и гласачите. Изгледа дека има подлабоки причини. Светот во кој живееме е во фаза на трансформација.

Паѓа и популарноста на духовните лидери, како на пример на папата Франциско. Дали таквиот тренд се сведува на внатрешнополитички проблеми, или се работи за генерално губење доверба во политиката?

Повеќе ова последното. Националните проблеми се пресликуваат во имиџот на политичарот, но тука зборуваме за глобални податоци. Секако дека популарноста на Макрон во Франција опаѓа, но таа опаѓа и во целиот свет. Тоа важи и за други политичари, како на пример Меркел, која сѐ уште е најпопуларна не само во Европа, туку во светски рамки, но сепак има загубено многу поени на поддршка. Не се работи само за внатрешнополитички прблеми, туку за глобално расположение. Минатата година имаше растечка конфронтација на меѓународно ниво, која се отсликува и во популарноста на политичарите.

Според мене, главниот проблем е неспособноста на премиерите и претседателите да ги решаваат проблемите со кои се соочува светот денес. Светскиот поредок кој беше етаблиран по Втората светска војна делува нестабилно. Живееме повторно во ситуација како во Студената војна, со два големи блока, а не како што постоеше 10 или 15 години, кога имаше само една светска сила - САД. Живееме во мултиполарен свет и големата слика станува сѐ покомплицирана. Особено сложена е ситуацијата во Европа.

Bulgarien Kuncho Stoychev
Канчо Стојчев, претседател на Управниот одбор на Асоцијацијата Галуп ИнтернешналФотографија: BGNES

Како внатрешнополитичките кризи како хаосот со Брегзит во британскиот парламент или протестите на „Жолтите елеци“ во Франција влијаат на популарноста на политичарите во странство?

Нема принципиелен одговор на тоа прашање, но тоа е интересна поента. Ајде да видиме со Брегзитот, има региони или земји во кои популарноста на Меј расте. Тоа покажува дека нашата европска перспектива на настаните - дека Брегзитот не е најдобрата варијанта за Европа - не ја делат и во други делови од светот. Во многу други региони на Брегзитот се гледа попозитивно, или пак се зазема подобар став во однос на загубата отколку кај нас. Многу е комплицирано, бидејќи зборуваме за глобална перцепција, а не за поединечни земји или региони.

Канцеларката Ангела Меркел годинава го турна францускиот претседател Макрон од врвот на најомилени политичари. Студијата покажува дека на пример во Африка, во европските земји кои не се членки на ЕУ и во Канада, таа е поомилена отколку дома и во ЕУ. Дали е тоа нов феномен?

Тоа е нов тренд од минатата година, кој главно е поврзан со развојот на нештата во ЕУ. Минатата година имаше тензии меѓу земјите на т.н. Вишеградска група во која припаѓаат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, како и во Италија. Имаме сериозни разлики во ставовите во однос на одредени проблеми и проекти меѓу Германија и балтичките земји. Тоа не е целосна листа на проблемите. Но општата загуба на доверба во европските политичари се отсликува и во популарноста на секој поединечен европски политички лидер.

Вознемирува конфронтацијата меѓу големите нации

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го зазема последното место на листата. Дали јавното мислење за него се промени во одредени региони?

Интересно е тоа што неговата популарност во Русија постојано опаѓа. Пред една година имаше поголема поддршка кај руската јавност. Сега дури 70% од Русите имаат лошо мислење за него. Тоа истото важи и за сликата која ја имаат Американците за рускиот претседател Владимир Путин: точно 70% имаат лошо мислење за него. Тоа е голем проблем и значи дека курсот на конфронтација меѓу САД, Русија и Кина влијае и врз јавното мислење на мнозинството.

Тоа е лошо за стабилноста во светот, бидејќи народите на овие супер сили добиваат негативна слика за противниците. Според мене, тоа е многу опасно, бидејќи веќе не се работи за политичарите кои се караат меѓу себе, туку овој конфликт се шири и меѓу луѓето на двете страни од океанот. САД и Русија се големи нации и ваквото мислење во јавноста за двајцата претседатели во земјите е нешто што треба да нѐ замисли и загрижи.

Социологот Канчо Стојчев е претседател на Управниот одбор на Асоцијацијата Галуп Интернешнал, меѓународен ссојуз на институти за истражување на јавно мислење и пазари со седиште во Цирих.