1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полскиот претседател загина во авионска несреќа

10 април 2010

Авионот на полскиот претседател Лех Качински се урна утрово во близина на западнорускиот град Смоленск. Според првичните информации, животот го загубиле претседателот и сите патници.

https://p.dw.com/p/MsSr
Лех КачинскиФотографија: AP

Според гувернерот на Смоленск, Сергеј Антуфијев, во несреќата нема преживеани. Агенциите јавуваат дека во авионот се наоѓале 132 лица. Претходно руската новинска агенција Итар- Тасс, повикувајќи се на извори од спасувачките екипи, соопшти за 87 загинати.

Полскиот претседател Лех Качински требаше денеска да учествува на комеморациите во чест на жртвите од масакрот врз полските жители од страна на советските тајни служби во Катинската шума од пред 70 години. Катин се наоѓа во близина на градот Смоленск.

Портпаролот на министерството за надворешни работи во Варшава, Пјотр Пацковски, за полската телевизија Н24 изјавил дека во авионот Туполев 154 покрај шефот на полската држава биле и неговата сопруга, како и началникот на Генералштабот и заменикот-министер за надворешни работи. Авионот при слетувањето во Смоленск се запалил.

Рускиот претседател Дмитри Медведев веднаш бил известен за падот на авионот на полскиот претседател јужно од Смоленск. За време на несреќата, според министерството за цивилна заштита во областа имало магла. Причината за падот на авионот не е позната.

Автор: ЖА/АТ/дпа/афп

Редактор: Александра Трајковска