Отпадна голема офанзива на турската армија во северен Ирак
7 ноември 2007Решението за натамошните постапки против терористите е донесено, рече вчера турксиот претседател Абдула Ѓул без да наведе детали. Премиерот Реџеп Таип Ердоан искажа задоволство од резултатите на разговорите со американскиот претседател Џорџ Буш, велејќи дека го добил она што го посакувал. Тоа веројатно се однесува на ветената американска подршка за воени операции од ограничени размери против борците на ПКК во северен Ирак.
Уште во Вашингтон Ердоан изјави: “Дојдовме до точка во која во борбата против сепаратистичката терористичка организација сакаме да го направиме и ќе го направиме она што ни го дозволува меѓународното право”.
Опозицијата ги повтори познатите прекори дека владата не дејствува доволно решително против ПКК, но најголемиот дел од набљудувачите, сепак, поинаку гледа на работите. Договорената соработка на тајните служби, според нивна оценка, е голем напредок.
Новинарите претпоставуваат дека во наредниот период работите би можеле вака да се одвиваат: САД со шпионски сателити и извидувачки авиони ќе го набљудуваат движењето на борци на ПКК. Податоците веднаш ќе и’ бидат пренесени на турската армија и по само неколки минути турски командоси со борбени авиони и хеликоптери ќе извршат напад. Веднаш по извршената задача, тие се враќаат назад во Турција. Во секој случај, не би требало да има навлегување на турски копнени трупи во северен Ирак.
Томас Борман, Истанбул