ОН одат во Судан
17 април 2007Со решението да не се спротивставува на распоредувањето на шест хеликоптери и три илјади војници на ОН, владата во Картум попушти пред меѓународниот притисок. Колку бргу ќе биде спроведено распоредувањето на трупите за поддршка на војниците на Африканската унија кои се веќе во Дарфур, зависи од решението во Њујорк. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, разговараше со шефот на силите на Африканската унија, Алфа Омар Конаре и со пратеникот на ОН за Судан, Јан Елијасон, по што замина на конференцијата на Советот за безбедност посветена на мировната мисија во Дарфур. Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, по разговорите што вчера ги водеше со Бан, изрази оптимизам околу проширувањето на мировната мисија во Дарфур, но истовремено стави јасно до знаење дека ЕУ во случај на противење на Картум може да разговара за воведување санкции и независно од ОН.
О-ТОН
”Ако не се потврди она што денеска се покажа, ако суданската влада не излезе пресрет на барањата на меѓународната заедница, тогаш ние во Европа мора да дискутираме за тоа дали заедно со ОН или независно од нив ќе договориме поостри мерки за притисок.”
ОН и Судан, во ноември, минатата година, се договорија за тристепен план за поддршка на малата и слабо вооружена мисија на Африканската унија во Дарфур. Според тој план, бројот на војниците треба да се зголеми на 20 илјади. Во регионот на западен Судан, во изминатите четири години загинаа најмалку 200 илјади луѓе, а протерани беа 2,5 милиони.