1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлуки на НАТО самитот во Истанбул

28 јуни 2004
https://p.dw.com/p/AcMe
Шредер, Сезер и Шефер во Истанбул
Шредер, Сезер и Шефер во ИстанбулФотографија: AP

Шефовите на држави и влади на Северно атлантската Алијанса денеска во Истанбул донесоа одлука да и дадат поддршка на новата преодна влада во Ирак преку обука на новата армија. Деталите околу тоа каде ќе се обучуваат новите ирачки војници се уште не се прецизирани, но јасно е дека тоа ќе биде во надлежност на членките на Алијансата, а не на централните тела на НАТО сојузот.

Формулацијата во завршниот текст на резолуцијата за Ирак на 26-те членки на НАТО остава простор за разни интерпретации. Таа овозможува дел од обуката да се одвива на ирачка почва, со што знамето на Алијансата сепак би можело да се развее во Багдад. Таквата интерпретација многу и одговара на американската администрација, која сака по секоја цена да го види НАТО ангажирано во Ирак. За Франција, меѓутоа, резолуцијата остава можност и за билатерално регулирање на помошта за обука на ирачките војници меѓу секоја членка на Алијансата и новата преодна влада. Германскиот канцелар Герхард Шредер пак беше сосема јасен дека нема да се откаже од принципилената одлука да не испраќа германски војници во Ирак.

На самитот во Истанбул исто така денеска беше донесена одлука за проширување на мисијата на НАТО во Авганистан, каде бројот војници ангажирани во силите на ИСАФ ќе се зголеми на 10.000 за време на парламентарните избори закажани за септември. Договорено е и зголемување на бројот тимови за обнова за уште пет, од кои еден ќе преземе Германија. Покрај ангажманот во околината на градот Кундус, војниците на Бундесверот ќе преземат еден тим за обнова и во градот Фајсабад.

На самитот денеска беше официјално донесено и решението за предавање на мисијата во Босна и Херцеговина во рацете на ЕУ, додека трите земји од Јадранската повелба, Македонија, Албанија и Хрватска се спомнуваат во резолуцијата во контекст на отворените врати на НАТО за прием на нови членки.