1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинувања за измами на руските претседателски избори

4 март 2012

Руските опозициони лидери и руските набљудувачи рекоа дека забележале широко распространети прекршувања на избирачкиот процес на изборите на кои се очекува враќање на Владимир Путин во Кремљ.

https://p.dw.com/p/14Eng
Фотографија: Reuters

Путин се очекува да добие лесна победа на денешните (04.03.) претстедателски избори во Русија. Но, ако се појави кредибилен доказ за злоупотреба на гласањето, тогаш тоа ќе ја зацврсти решеноста на опозициските сили да продолжат со протестите, што започнаа во декември, по обвинувањата за злоупотреби на парламентарните избори.

Russland Wahlen Erste Wahllokale schließen
Камерите на гласачките места треба да спречат и погрешно пребројување на гласачките ливчињаФотографија: Reuters

Независната агенција за набљудување на изборите „Голос“ информираше дека добила извештаи за т.н. „рингишпил гласање“, при кое гласачите со автобуси се разнесуваат наоколу за да гласаат повеќе пати.

„Имаше многу луѓе коишто гласаа повеќе од еднаш, развозувани наоколу низ Москва со автобуси во голем број“, рече шефицата на „Голос“ Лилија Шибанова, која додаде дека слични извештаи се добиени и од Новосибирск, третиот по големина град во Русија, како и во Барнаул, град на југот од Сибир.

„Ние секако очекувавме вакво гласање, но не во оваа мера“, напиша на Твитер еден од најхаризматичните руски опозициони лидери Алексеј Навалниј.

На веб страницата на „Голос“ пристигнале повеќе од 1.000 поплаки за изборни нерегуларности, кои вклучуваат гласачки листи со валидност под знак прашалник и нефункционални камери на гласачките места.

Камери против злоупотреби

На повеќе од 90.000 гласачки места беа инсталирани камери, како одговор на протестите на опозицијата и обвинувањата за изборни нерегуларности и погрешно броење на гласовите на декемвриските парламентарни избори. На денешните избори не беше јасно во колкава мерка камерите ќе откријат нерегуларности или погрешно броење на ливчињата. Скепса за тоа изрази и ОБСЕ во извештајот за подготовката на изборите.

Така, снимани преку камери, илјадници Руси излегоа на гласање. Некои од нив по гласањето рекоа дека не виделе алтернатива за нивниот лидер, а други имаат поинакво мислење за човекот што доминира во руската политика повеќе од една деценија.

Sicherheitsvorkehrungen zur Wahl in Russland Moskau
Шест илјади дополнителни полицајци во МоскваФотографија: dapd

„А, за кого друг, освен за Путин? Бидејќи тој е вистнински лидер. Му верувам“, вели пензионерката Викторија Семјонова.

„Тој е единствениот кандидат што го сакам. Го поддржувам“, рече 80 годишниот Герман Мазорин.

Пензионираната библиотекарка Елвира Федина прошепоти дека гласала против Путин. „Тој е премногу богат“, рече таа, правејќи гримаса на гадење.

И други гласачи гласаа против поранешниот шпион на КГБ. 73 годишната Наталија Јулскаја рече дека гласала за милијардерот Михаил Прохоров, како знак на протест против Путин. „Знам дека КГБ ќе биде на власт, но јас барем се обидов“, рече таа.  

Се чини дека помладите гласачи се повеќе наклонети кон милијардерот Прохоров, кој настапува како единствен независен кандидат, а кому анкетите му предвидуваат дека ќе заврши на третото место, зад комунистичкиот лидер Генадиј Зјуганов. Во анкетите помладите гласачи велат дека сакаат нов лик на политичката сцена и дека порграмата на Прохоров е со јасни чекори за промени.

Russland Wahlen Moskau Protest
Активистки од украинската група „Фемен“ протестираа на гласачкото место на кое гласаше Владимир Путин со сопругатаФотографија: Reuters

Со голи гради против Путин

Стотици илјади Руси волонтираат како набљудувачи на изборите. За таа задача претходно поминаа тренинг на препознавање и информирање за изборни нерегуларности. Изборите ги следат и 600 странски набљудувачи.

Министерството за внатрешни работи донесе од останатите региони 6.000 дополнителни полицајци во главниот град, но инциденти не беа регистрирани. Имаше информација само за апсењето на три млади жени, кои со голи гради протестирале на гласачкото место каде што гласал Путин со сопругата Људмила. Една од демонстрантките на грбот имала испишано „крадец“ – порака што се однесувала на Путин. Опозиционерите се незадоволни од реализацијата на изборите и најавуваат нови протести.

„Овие избори не се слободни. Затоа ние ќе протестираме утре. Нема да го признаеме претседателот како легитимен“, рече Михаил Касијанов, кој е поранешен руски премиер и беше разрешен од таа функција од страна на Путин во 2004-та година.

„Ова не се избори. Ова е имитација“, рече Борис Немцов, друг познат опозиционен лидер.

Покрај Путин, кандидати се и лидерот на комунистите Генадиј Зјуганов, лидерот на „Либерално-демократската партија“ Владимир Жириновски, лидерот на „Праведна Русија“ Сергеј Миронов и бизнисменот Михаил Прохоров. За да победи во првиот круг, кандидатот треба да освои повеќе од 50 отсто од гласовите на избирачите кои излегле на избори. Цензусот на излезност, за изборите да се сметаат за важечки, е укинат во 2008 година.

Автор: Александар Методијев / ап /афп/макфакс

Редактор: Александра Трајковска