1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама планира реформа на здравствениот систем

Ридигер Паулерт6 март 2009

Една од амбициозните цели на американскиот претседател Барак Обама, е во корен да го промени здравствениот систем во САД. Тој на оваа тема вчера во Белата куќа разговараше со експерти.

https://p.dw.com/p/H6lK
Цврсто одлучен: Барак ОбамаФотографија: AP

Американскиот здравствен систем е прескап. Повеќе од 15 проценти од брутосоцијалниот производ одат за оваа намена. Истовремено, речиси секој шести Американец не е здравствено осигуран, а трошоците за здравственото осигурување на старите луѓе го минираат буџетот. Овој биланс го извлече вчера претседателот Барак Обама во Белата куќа, каде ги покани првите луѓе од областа на медицината: лекари, претставници на здравствени осигурувања и на фармацевтската индустрија. Откако Бил Клинтон не успеа да изврши реформи во здравството пред петнаесет години, сега Обама прави нов обид.

Реформа и покрај економската криза

Тој формулира јасни и амбициозни цели: „Мора да најдеме начин да ги намалиме трошоците, да го подобриме квалитетот и секому да му овозможиме здравствена заштита. Нашата цел е сеопфатна здравствена реформа до крајот на годината“, рече Обама.

Овојпат, реформите треба да ги подготви Конгресот, со што Обама оди по друг пат, отколку Клинтон. Поранешниот претседател понуди готов пакет здравствени закони и се изгуби во лавиринтот на Конгресот и лобистите. Сега успехот е уште поважен, нагласува Обама: „Реформата на здравствениот систем овојпат не е само морален предизвик. Се работи и за економски аспект, намалување на буџетскиот дефицит“.

Поинаков систем - споредливи промени

Symbolbild Medizin Operation Baby
Здравствена заштита за ситеФотографија: picture-alliance/ dpa

Анализата е едноставна, вели Елиот Фишер од Институтот за здравствена политика во Дартмут: „Системот на исплата одделно го третира секој лекар и секоја лекарска услуга и одделно ги пресметува. На тој начин се исплатуваат непотребни услуги и се засилува расцепканоста, која им предизвикува големи непријатности на пациентите и на лекарите“, вели Фишер.

Освен тоа, здравственото осигурување ретко плаќа преветнивни прегледи и испитувања. Даглас Холц Еткин, советник на републиканскиот претседателски кандидат Џон Меккејн, затоа бара: „Мора да се стимулира превентивата. Постојат редица укажувања дека со неа можат да се заштедат многу пари. Потребна е и целосна подобра координација“.

Пред овие проблеми стоеше и екс-претседателот Клинтон во 1994 година и доживеа неуспех. Но, сега условите се поинакви, и економски и политички. Оние кои тогаш правеа опструкции, сега го променија ставот.

И покрај општата подготвеност за реформи, интересите на засегнатите се различни, за што е свесен и Барак Обама, кој на претставниците на американската медицинска бранша им се обрати скоро заканувачки: „Останување на статус-кво не е никаква опција. А оние, кои по секоја цена сакаат да ја спречат реформата, овојпат нема да успеат“, рече Обама.