Обама ги повлече првите потези
21 јануари 2009Одлагање за три месеци на сите судски процедури и процеси во воениот трибунал во базата во Гвантанамо, побара американскиот претседател Барак Обама. „Во интерес на правдата и на барање на претседателот на САД и државниот секретар за одбрана Роберт Гејтс, владата бара од воената комисија да ги одложи сите судски процедури до 20 мај“ се вели во документот кој денеска ќе им биде предаден на двајца судии. Барањето се однесува на процесуирањето на 21 случај, вклучувајќи го и изрекувањето на пет смртни казни за затвореници кои се осудени за учество во планирањето на терористичките напади во Њујорк и Вашингтон од 2001 година. Обама уште во предизборната кампања вети дека затворањето на затворот во Гвантанамо ќе му биде една од првите задачи откако ќе стапи на должноста.
Шефот на кабинетот на Барак Обама, Рам Емануел потпишал меморандум за сите институции во државата да ја запрат регулативата што е на пат за донесување, се‘ додека актите не бидат проверени од страна на новата администрација.Вакви проверки обично се вршат за да се забават решенијата за стапување на сила на одлуки од претходната влада, одобрени меѓу изборите и стапувањето на должноста на новиот претседател. Такви наредби донесувале и претходните тројца американски претседатели.
Новата американска влада на претседателот Барак Обама денеска треба да расправа за натамошните чекори во Ирак и во Авганистан. Обама во текот на изборната борба најави дека во наредните 16 месеци има намера да ги повлече сите борбени трупи од Ирак.
Обама вети „нова Америка“
Во првиот говор новиот американски претседател истакна дека ја презема функцијата во тешки времиња и само доколку сите сограѓани соработуваат, промената е можна. Економските проблеми нема да може да се решат за кратко време подвлече претседателот, но верува дека ќе бидат надминати. Обама ги повика своите сограѓани да им пристапат на новите предизвици со старите вредности „работа и чесност, храброст и фер плеј, толеранција и љубопитност, лојалност и патриoтизам.“ Овие вредности, според претседателот се „тивката сила за напредок во нашата заедничка историја,“ рече Обама во говорот пред американскиот народ.
На остатокот на светот, Обама му вети нова Америка, која ќе ги сослуша сите. На исламскиот свет му порача дека ќе се залага да се воспостават нови односи во духот на взаемните интереси и почитување. Новиот претседател истакна, дека ќе стори се' да ја заштити Америка од терористички закани.
Спектакуларна церемонија
Ова беше досега најскапата инаугуративна церемонија во САД која во живо и покрај студенто време ја следеа околу два милиона граѓани. И стотици милиони луѓе низ светот пред телевизиските екрани ја следеа парадата пред Капитол Хил. Барак Обама, заклетвата ја поднесе пред Врховниот судија, Џон Робертс, положувајќи ја раката врз Библијата, пред која се заколнал и Абрaхам Линколн, кога ја преземал функцијата претседател на САД. „Свечено се колнам дека верно ќе ја извршувам должноста претседател на Соединетите Американски Држави, и најдобро што можам ќе го чувам, штитам и бранам Уставот.“ рече Обама.
Тој е 44-тиот претседател на САД и првиот афроамериканец, кој ја извршува оваа функција. 47. годишниот политичар од редовите на Демократската партија функцијата ја презема од Републиканецот Џорџ Буш.