Нова „чистка“ во владиниот кабинет?
2 септември 2009Иако македонскиот премиер Никола Груевски велеше дека не планира и септемвриска рунда промени во својот кабинет, тој не исклучува тоа да се случи, откако Демократската унија за интеграција, коалицискиот партнер, сепак направи проценка на владеењето на кабинетот на Груевски и за работата на своите министри.
Во вторитот бран промени, најверојатно ќе замине министерот за правда Михајло Маневски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е на удар од домашната опозиција и критиките од Брисел за мешање на извршната власт во независноста на судството, и неквалитетна примена на донесените закони во оваа област.
На ред непродуктивните министри од ДУИ
До крајот на месецот се очекува „чистка“ да ги зафати и министрите од ДУИ, за кои лидерот Али Ахмети и партискиот врв оцениле дека се непродуктивни. Сигурно е заминувањето на министрите за труд и екологија, Џелал Бајрами и Реџеп Јакупи. Не е исклучено од владата да биде повлечен и вицепремиерот за Рамковен договор, Абдулаким Адеми, кого опозицијата го критикува за бавната регрутација на Албанците во државната администрација. Адеми одбегнуваше соочување во парламентот со опозицијата од Демократската партија на Албаниците и Нова демократија. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, вчера (01.09.2009) одново ја критикуваше владината политика и пред се‘ учеството на ДУИ околу признавањето и воспоставувањето редовни дипломатски односи со Косово.
„Оваа влада веќе направи непријатели од сите наши соседи, почнувајќи од Грција, Бугарија, Косово и понатаму. Мислам дека голема грешка на Владата на Македонија е што не се искористува пријателскиот однос што Република Косово го има кон Македонија “, изјави Тачи.
При можната нова реконструкција на владата најверојатно ќе биде зафатен и Фатмир Бесими од економија, кој е во директен судир со вицепремиерот Ставревски, во спорот на владата со австриските инвеститори во ЕВН. Бесими учествуваше во продажбата на Електродистрибуција во време на владата на СДСМ и застана во одбрана на австриската мултинационална компанија.
Груевски очекува интриги и манипулации
Премиерот Груевски е цел на остри критики и на опозицијата околу економската политика. На можниот повик на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, за граѓански отпор во уривањето на владата, тој одговори:
„Доколку не ги променил реториката и она што го пласира, не очекувам дека ја променил и методологијата за да се обиде да сруши една власт и да дојде тој на власт, така што секаков вид на интриги, манипулации и подместувања, организирања штрајкови и протести и така натаму, ги очекувам од негова страна и тоа е дел од неговиот начин на работа“, изјави премиерот Груевски, по враќањето од Канада, време во кое опозицијата изведе канонада на критики за неговото владеење.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Жана Ацеска