Независноста на Косово не го крши меѓународното право
22 јули 2010Највисоката судска инстанца на ОН денеска оцени дека декларацијата за независност на Косово не била во спротивност со меѓународното право. Читајќи го подолгото образложение, претседателот на судскиот совет на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Хисаши Овада, појасни дека меѓународното право не содржи забрана за прогласување независност.
Чекорот на Косово од февруари 2008 година предизвика голема и бурна дебата ширум светот, бидејќи постојат голем број сепаратистички движења, кои во поддршката на меѓународната заедница за отцепувањето на Косово гледаат можен преседан и за нивните намери за одвојување од сегашните матични држави. Државноста на Косово ја подели меѓународната јавност, при што 69 држави, меѓу кои и САД и поголем број членки на ЕУ, ја признаа независноста. Од другата страна се наоѓаат Србија и Русија и уште дузина држави кои строго ја осудуваат.
Прашањето за независноста на Косово дојде до судот во Хаг по барање на Србија, по одлуката на Генералното Собрание на Обединетите Нации во 2008-ма година. Расправата започна на 1-ви декември минатата година, а во текот на деветте дена своето мислење го изнесоа вкупно 29 делегации.
Денешната одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг се очекува дека ќе му донесе на Косово нов поттик во процесот на меѓународно признавање, бидејќи повеќе земји најавија оти ќе чекаат на пресудата на судот.
Автор: ГЧ/ап/афп/ртр
Редактор: Симе Недевски