1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тахири: На изборите нема да има апсолутен победник

Елизабета Милошевска Фиданоска
5 декември 2016

Тешко е да се даде јасна прогноза, но по изборите е можна широка коалиција, проценува аналитичарот Сефер Тахири. Тој смета дека клучот на изборите е во рацете на неопределените.

https://p.dw.com/p/2Ti0a
Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

ДВ: Европа очекува фер избори. Предвидувањата во Македонија на почетокот на кампањата беа дека таа ќе биде тешка и црна. Како ви изгледа Вам?

Сефер Тахири: Сметам дека кампањата во РМ има нормален тек, нема нешто неочекувано. Се води со критики и обвинувања од двете страни, и мислам дека партиите кампањата повеќе ја засноваат на големите идеи, големите теми, како што се националистичките, или колективните идеи, што ги промовираат особено партиите на власт - ВМРО-ДПМНЕ  и ДУИ, идеи кои за жал сѐ уште носат гласови во Македонија. И во оваа изборна кампања во втор план се граѓанските теми, односно темите коишто се поврзани директно со животот на граѓаните, како што се економијата, образованието, здравството и.т.н. Ние во текот на оваа предизборна кампања од политичките партии можевме да слушнеме како ќе се однесуваат спрема албанскиот јазик, како ќе се однесуваат во врска со прашањето за федерализација, или во врска со прашањето за името, за државата и.т.н., но, за жал, не слушнавме како ќе ги решат проблемите како на пример смртта на новороденчињата, бидејќи во последните три месеци се починати 90 новороденчиња во болниците во Македонија. Сметам дека оваа предизборна кампања во РМ на некој начин го покажува и нивото на демократскиот капацитет на политичките партии во земјата, бидејќи политичките партии на власт избегнуваат соочување и дебати со опозицијата.

Има ли прашања кои се дел од оваа кампања, а ги немало во претходните?

Стандардните теми кои веќе 26 години се присутни во јавноста, во јавната дебата, ја преокупираа и оваа кампања. Политичките партии, особено оние што се на власт, не успеваат да донесат нешто иновативно во политичка смисла. Тие сѐ уште сметаат дека играјќи на националистичката карта ќе успеат да добијат повеќе гласови. Имаше неколку идеи од страна на опозицијата коишто се интересни, како што се на пример минималната плата, просечната плата, која според македонската опозиција ќе изнесува околу 30.000 денари. Мислам дека тоа како идеја е привлечно за гласачите. Од друга страна, имаме идеја на ДПА за фискална амнестија. Тоа значи дека оваа партија смета оти ако дојде на власт на некој начин ќе им ги прости сите долгови на граѓаните кон државните институции. Опозицијата требаше повеќе да ги наметне овие теми, да биде поагресивна во кампањата и во смисла на наметнување во јавните дебати, во медиумите и слично, бидејќи сметам дека изборите овојпат нема да ги одлучат членовите на партиите, односно симпатизерите на партиите, туку ќе ги одлучат неопределените. Мислам дека неопределените не се склони кон власта, бидејќи видовме што власта нуди. Сметам дека неопределените може да се наклонат кон опозицијата, бидејќи таа нуди неколку од решенијата што ги спомнавме и некои други директно поврзани со животот на граѓаните. Сметам дека неопределените ќе бидат клучот на изборите. Потенцијалот на гласачите коишто се неопределени е голем, а голема е и можноста да бидат насочени кон опозицијата, затоа што и на последните анкети и неопределените се изјаснуваат за подобар живот, бидејќи не се согласуваат со ситуацијата. Тоа дава некаков знак, сигнал дека тие би можеле да гласаат за опозицијата.

Sefer Tahiri  Mazedonien
Сефер ТахириФотографија: privat

Дали се ова избори на кои нема да се гласа ЗА опции, туку ПРОТИВ опции? Сметате ли дека изборите ќе донесат пресврт?

Во Македонија секогаш се гласало ПРОТИВ. Во 2002 година се гласаше против политиката на ВМРО-ДПМНЕ по војната, во 2006 година исто така се гласаше против СДСМ, бидејќи не успеваше да ги реализира политиките и ветувањата коишто ги даваше, особено во делот на економијата - дека во секое семејство ќе има по еден вработен и.т.н. Гласот во Македонија е глас на казнување на политичките партии. Мислам дека можноста овој глас да биде против власта е голема. Значи, и на овие избори може да имаме глас против политичките партии на власт – во македонскиот дел против ВМРО-ДПМНЕ, а во албанскиот дел против ДУИ. Но, исто така, сметам дека одреден дел сепак ќе се одлучи ЗА политиките на опозицијата, бидејќи по „бомбите“ мислам дека граѓаните сепак имаат појасна слика за тоа што се случува со нашиот систем.

Би се согласиле ли со некои оценки во медиумите и на социјалните мрежи дека онака како што ќе заврши дуелот Груевски-Заев во изборната единица 4, така ќе завршат и изборите генерално?

Не. Сметам дека изборите нема да зависат од изборната единица 4. Според моја проценка, гласовите ќе бидат распределени според она што ќе го имаме во изборната единица број 1. Мислам дека во првата изборна единица шансите на опозицијата се многу поголеми. Знаеме дека на минатите локални избори во општината Центар победи опозицијата и мислам дека тој тренд ќе се задржи и на овие избори. Тоа може да се случи и во некои други изборни единици, особено во втората, а можеби и во четвртата изборна единица. Мислам дека главниот град и околината може да ги донесат промените во државата.

Имаат ли овојпат малите играчи на изборите што да кажат и можат ли да ги поматат сметките?

Малите играчи, или политичките партии кои се нови на политичката сцена, можат да ѝ ги поматат сметките на власта, особено во делот на македонската политичка сцена во етничка смисла. Коалицијата за промени и правда и коалицијата ВМРО за Македонија ќе добијат голем контингент гласови коишто, доколку не би ги имало нив, би биле гласови за ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, сметам дека новите политички партии на Албанците, особено движењето Беса и Движењето за реформи на ДПА, ќе ѝ ги поматат сметките на ДУИ, бидејќи ако досега во албанскиот блок имаше двопартиски систем, тоа веќе не така. Сега нема црно-бела слика, туку има колорит во смисла на натпревар на повеќе опции и алтернативи кај албанскиот политички блок. Овие партии сѐ повеќе се наметнуваат и успеваат да таргетираат голем број гласачи од албанска етничка припадност. Мислам дека тоа на некој начин ќе се ефектуира и на денот на изборите.

Според анкетите, кои се земаат секогаш со резерва, и натаму во водство е ДУИ. Останатите се преслаби, или партијата на Ахмети навистина толку добро го владее теренот?

Партијата на Ахмети води со нијанси во анкетите, но тоа не значи дека рејтингот на оваа партија не е во опаѓање. На овие избори партијата на Ахмети не може во никој случај да се надева на 150.000 гласови,  или на 20 пратеници. Знаеме дека во РМ гласот е клиентелистички. За жал, гласот е условуван од страна на политичките партии на власт и сметам дека голем дел од поддршката за ДУИ се должи на фактот дека во сите овие години се вработени голем број членови, симпатизери на оваа партија во администрацијата. Исто така, има луѓе вработени во јавната администрација, во образованието и.т.н. Тие, сакале-не сакале на некој начин се обврзани да бидат со ДУИ. Мислам дека малата предност во анектите се должи токму на тоа и нормално се должи на пропагандната машинерија којашто ДУИ ја има како партија на власт. 

Социјалдемократите се први кои сериозно тргнаа во лов на гласови на Албанците. Почнаа да се замаглуваат линиите на партиска поделеност по етнички линии. Колку тоа ќе се ефектуира по број на гласови на контото на СДСМ, или прашањето поинаку поставено - колку тоа ќе им наштети на албанските партии?

Овој феномен – некоја македонска политичка партија да ги таргетира директно албанските гласачи, се случува првпат. Одреден број од гласачите Албанци ќе гласаат за СДСМ, но тоа нема да биде број кој ќе биде решавачки за победникот во македонскиот блок, но ќе биде некој оптимален број за на некој начин да се докаже дека местата коишто се сигурни за двајцата идни пратеници – едниот во изборната единица број два, а другиот во изборната единица број 6 - ќе ги добијат гласовите на Албанците. А знаеме дека за еден пратеник се потребни околу 8 или 9 илјади гласови.

Mazedonien Wahlen
Малите партии може да и’ ги поматат сметките на властаФотографија: DW/P. Stojanovski

За да се оди на избори, треба да се има чист Избирачки список. Сметате ли дека овојпат е навистина така?

Немаме вистински демократски услови, но имаме оптимални услови. Во делот на Избирачкиот спсисок е направен голем исчекор. Мислам дека овојпат имаме појасна слика за тоа колку гласачи има Македонија.

Граѓанската асоцијација МОСТ обелодени регистрирани  нерегуларности во кампањата, како неодвојување на државата од партијата, притисоци врз јавните службеници и злоупотреба на јавни ресурси. Колку е навистина жешка ситуацијата на терен? 

Ситуацијата е жешка, се води жестока кампања, но мислам дека ќе се зачува нормалноста на изборниот процес – и во предизборната кампања и на денот на изборите. Точно е, партиите на власт не можат да се откажат од државата, не можат да се откажат од државните ресурси. Министрите и другите функционери ги користат јавните ресурси во кампањата, тоа е јавна тајна. За изборите се користат и општините и другите јавни институции, луѓето од администрацијата се повикуваат со СМС-пораки да излезат на митинзи, без разлика дали се членови на едната или на другата  политичка партија на власт. Политичките партии на власт требаше да бидат поодговорни, особено по „бомбите“, по Пржинскиот договор и сѐ друго што се случуваше на политичката сцена во државата. Од друга страна, ова не се обични избори. Меѓу политичките партии се води борба за слобода на некој политичар или други лица кои би требало да бидат в затвор по изборите и затоа мислам дека власта не може да се откаже од расположливите средства коишто ги има пред себе, во смисла на користење на државните ресурси за да се добие глас повеќе.

Би можеле ли да прогнозирате како ќе се разбуди Македонија на 12 декември и како ќе изгледа нејзината блиска иднина?

Иако е многу тешко да се даде јасна прогноза, мислам дека на овие избори нема да има апсолутен победник. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ веќе нема да добие 63 пратеници, бројот на нејзини пратеници ќе биде многу намален. Од друга страна, сметам дека опозицијата, иако не може да се надева на апсолутна победа на изборите, ќе има многу добар резултат, којшто може да биде основа за идната влада со политичките партии на Албанците. А, оптималната варијанта, и според мене посигурната, е дека Македонија на 12 декември ќе има широка коалиција, во којашто ќе учествуваат ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и втората по јачина според број на гласови политичка партија кај Албанците. Дали тоа ќе биде ДПА или ќе биде движењето БЕСА или пак Алијансата за Албанците, во којашто главен политички субјект е Движењето за реформи на ДПА, останува да се види. Сметам дека таква политичка влада би била кадарна да ја стабилизира РМ, бидејќи се наоѓаме во континуирана, перманентна нестабилна политичка ситуација.

 

Сефер Тахири е професор на Институтот за комуникациски студии, предава на Факултетот за јазици, култури и комуникација на Одделот за комуникации при Универзитетот на Југоисточна Европа и е постар истражувач на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците - интеркултурен сектор и директор на Институтот за демократија и развој. Сфери на неговиот академски и истражувачки интерес се медиумите и политиката.