1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Европа не и‘ е потребно еврото

Мирјана Вељковиќ-Кине / Александар Методијев23 мај 2012

Нова книга – нов скандал. Откако во претходната книга „Германија се укинува самата себеси“ објави спорни тези за интеграцијата на странците, Тило Сарацин сега ја поврзува европската валута со нацистичкото минато.

https://p.dw.com/p/1508l
Фотографија: dapd

Поранешниот банкар и член на Социјалдемократската партија во новата книга „На Европа не и‘ е потребно еврото“ се пресметува со заедничката европска валута. Авторот и неговата издавачка куќа не можеа да изберат подобар момент за објавување на новата книга. Тринаесет години старата заедничка валута – еврото, се наоѓа во криза и се’ поголем број Германци се спремни да прифатат критика на еврото.

Од политички желби до криза

Sarrazin Buchvorstellung
Во новата книга Сарацин забележува дека политичките желби ја однеле Европа во кризаФотографија: dapd

За разлика од тезата за муслиманите кои не се подготвени да се интегрираат во германското општество, за младите девојки завиткани со шамии, за одредените гени и така натаму, Сарацин сега пишува за работи за кои и тоа како има познавање. Овој економист, кој ја напушти работата во Бундесбанката по спорните тези за имиграциската политика, работеше во министерството за финансии, каде ја подготвуваше и монетарната унија.

Во книгата „На Европа не и‘ е потребно еврото – како политичките желби не однесоа во криза“, 67-годишниот поранешен банкар и политичар се пресметува со монетарната унија. Во дискусија на една германска телевизија тој изјави:

„Се’ што имаме – мирот, слободата, благосостојбата, економскиот раст, трговската интеграција – сето тоа пред воведувањето на еврото функционираше добро. Откако ја имаме заедничката валута, еврозоната релативно се дезинтегрираше. Нашите односи се подобри со оние надвор од еврозоната, не само затоа што таму имаме наши извозни пазари, туку затоа што останатите земји со заедничка валута – Франција, Шпанија, Италија излегуваат полошо на крај од нас и затоа нивниот увоз кај нас губи на конкурентност“.

Тој смета дека сите значајни елементи на економската и европската интеграција се независни од заедничката валута. Како пример ги дава Шведска, Швајцарија, па дури и Англија.

„Германија немаше никаква корист од еврото, што не значи дека тоа беше штетно за неа, но за останатите земји еврото донесе ризици и негативни страни и тоа предизвикува незадоволство и немир во Европа“, смета Сарацин.

Со тоа тој ја побива тезата на Ангела Меркел, која изјави: „Ако пропадне еврото, ќе пропадне и Европа“. Според неговата оценка, Европа е успешна ако владее мир, ако демократијата остане стабилна во европските земји и ако и натаму се зацврснува, ако луѓето со сопствена сила можат да ги подобрат условите за живот, ако имаат работа и можат да живеат од плодовите на својата работа.

Холокаустот и еврото

Sarrazin Buchvorstellung
Ставовите на Сарацин предизвикуваат реакции во јавностаФотографија: dapd

Во книгата на 464 страници тој се осврнува и на нацистичкото минато на Германија. Дилемата на Германија е дека таа е заробеник на вината во повоените времиња. Без морален товар на нацистичкото време, шеесетгодишното воодушевување за Европа не може да се објасни. Според негова оценка, тоа воодушевување може да се објасни само со фактот дека Германците веруваат дека вината за Холокаустот и Втората светска војна може да се откупи само ако се’, сите германски интереси, па дури и парите се стават во европски раце. И, затоа тој е противник на државниот заем.

„Јас на тоа се противам. Ние уште да преземаме долгови на останати земји – со тоа никако не се сложувам“, изјави Сарацин.

Грција мора сама да си го најде својот пат

Според неговото мислење, проблемот на Грција е егоизмот и корупцијата на практично целата политичка класа.

„Ние од надвор тука ништо не можеме да промениме, ако елитите во Грција не го сакаат тоа“, вели Сарацин. Европа мора да престане да и‘ праќа пари на Грција. Таа мора да ги остави Грците сами да си го најдат својот пат, смета Сарацин. И оваа книга на Сарацин веќе предизвика бројни и бурни реакции во Германија.