1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Накаде пловат брoдовите во Охрид?!

10 октомври 2010

Спорот со дозволите за пловење летово ги вкотви бродовите. Државата ја овласти компанијата „Биро веритас“ од Франција, која попушти и даде времени дозволи. Проблемот не е решен, само е одложен, велат бродарите.

https://p.dw.com/p/PZ2W
Бродот „Александрија“ во ОхридФотографија: DW

Зошто државата пред сезоната не ги потсети бродарите дека дозволите за пловење им се на истек ? Зошто сред сезона останаа вкотвени во пристаништето, а деновиве сопствениците на бродовите еден по еден добиваат времени дозволи за пловење? Дали државата под превезот на безбедноста на патниците изврши удар и врз така слабата посетеност и туристички промет во Охрид? Ова се прашањата кои четири месеци се вртат во разговорите меѓу бродарите и јавноста. Нештата толку се заплеткаа што ниту главните актери не го гледаат излезот од лавиринтот.

Бродарите пак се во ќорсокак

На почеток бродарите не се согласија со превисоките стандарди на„Биро веритас“ и секој од нив да плати по 7, 5 илјади евра за нова класификација на бродовите, која порано е веќе извршена. Тоа и сега им е неприфатливо и скапо. Се согласивме да извршиме вонреден технички преглед по цена од 2000 евра само да покажеме кооперативност кон владата и „Биро веритас“ , вели претседателот на Здружението на бродари Горан Устијаноски:

„Повторно сме доведени во ќорсокак да не го знаеме следното решение на проблемот. Најголемиот проблем е кревањето на бродовите на суво . Затоа што кај нас нема ниту локација, ниту инфраструктура за таа цел. “

До ново пристаниште на суво со помош на државата

Во меѓувреме министерството за транспорт информираше дека за да им излезе во пресрет на бродарите ќе одреди локација за извлекување, но не прецизира дали ќе создаде инфраструктурни услови за тоа. Тони Тунтев е експерт по сообраќај и човек кој се сеќава на некогашното пристаниште на суво лоцирано во срцето на Охрид на Сараиште:

„Затоа што стопанисува со крајбрежниот појас и со езерото државата е должна не само да одреди локација, туку да ја изгради и потребаната инфраструктура. Несериозно е да се рече еве ви ја локацијата, па вие вадете ги бродовите за да може „Биро веритас“ да ги класифицира и прегледа. “

Збунети сме и изненадени сами не ќе можеме да ги извлечиме бродовите на копно, вели Зоран Гилевски сопственик на бродот „Александрија“:

„ Ние ќе платиме се‘. Не можеме да ги ризикуваме бродовите, па макар и три сезони да не пловат. Нивната вредност е поголема од заработката .“

Zoran Gilevski Mazedonien
Зоран Гилевски, сопственик на „Александрија“Фотографија: DW

Кој ќе биде одгворен за евентуални несреќи ?

Ако бродовите се исправни, како што покажа вонредниот преглед, зошто времените дозволи не беа издадени во сезоната и кој сега ќе ја преземе одговорноста за евентуалните несреќи и други проблеми ? Прашањето е комплексно, вели капетанот Устијаноски. Во случајов одговорноста е кај "Биро веритас“, тие ни ги издадоа времените дозоволите, доава тој:

„Доколку дојде до некоја несакана ситуација или несреќа што е дел од секојдневието, тогаш по пат на вештачење се утврдува дали е капетанска грешка, дали е виша сила, дали е нешто што класификациската куќа требало да го предвиди, а не го предвидела и бродот испловил и ред друго. “

Владата соопшти дека не потпишала договор со „Биро веритас“ туку и‘ дала овластување да преговара со бродарите. Во јули најави дека ќе склучи ист договор како со германски „Лојд“. Исто неочекувано соопшти дека бродарите ако сакаат, сега можат прегледот на бродовите да го прават и кај други компании кои се на листата на Европската унија.

Ohrid Hafen Mazedonien
Пристаништето во ОхридФотографија: DW

Измена на законот би било долгорочно решение за бродарите

И додека ресорното министерство тактизира, охридските бродари спасот долгорочно го гледаат во измените на законот за внатрешна пловидба кој според нив е полн со недоречености :

„ Со промената на законот да побараме регистерска куќа којашто нема да бара класификација , туку ќе направи преглед и на тој брод што е исправен ќе може да даде сертификат. Ако има неисправни, нема да има лутење. Безбедноста е на прво место и никој тоа не го негира, вели Гилевски.

По ова не е исклучено бродарите пак да останат на копно..

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска