Милoшоски нема да биде министер за надворешни работи
30 јуни 2011„Имав дилема, плаќав висока и скапа цена заради предолгото и пречестото отсуство од домот. Дилемата беше дали да се биде добар министер или да се биде добар татко. ВМРО-ДПМНЕ има добри човечки потенцијали, министер може да биде и друг човек, но татко на мојот син не може да биде никој друг освен мене“, рече Милошоски на денешната прес-конференција.
Меѓутоа, семејните обврски нема да го оддалечат Милошоски од политиката. Од министер заминува во пратеничките клупи и се надева дека ќе претседава со Комисијата за надворешни работи.
Дилемите за напуштање на министерството се појавиле пред шест месеци. Тогаш Милошоски разговарал со премиерот Груевски, а конечната одлука била донесена по изборите. Прашан дали неговото повлекување ќе влијае врз македонско-грчките преговори, Милошоски вели дека владата на многу високо ниво ги поставила членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ, но дека единствената пречка на тој пат е спорот за името. Владата вложила многу труд да се надмине тој проблем и тука немала да застане. Милошоски му понуди помош на новиот шеф на македонската дипломатија.
„Како министер за надворешни работи кој стекна политички, но и дипломатски капитал поврзан со одредени дискретни прашања поврзани со македонско-грчкиот спор. Свесен сум дека и понатаму треба да бидам на располагање на оној, кој ќе биде избран за наследник како министер за надворешни работи“, истакна Милошоски.
Антонио Милошоски не откри кој ќе го наследи. Премиерот Груевски размислувал за неколку опции, но имиња не се соопштуваат.
Автор: Александар Методијев
Редактор: Александра Трајковска