1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милошоски за ДВ: ЕУ да посвети поголемо внимание на спорот за името

10 декември 2010

Вечерва (10.12.2010) во Берлин стартува Конференцијата на Аспен институтот со лидерите од регионот за европските перспективи на Југоисточна Европа. На неа учествува и шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.

https://p.dw.com/p/QVNv
Министерот за надворешни работи на РМ, Антонио МилошоскиФотографија: DW

„Од оваа конференција за Западниот Балкан очекуваме да се испратат неколку сигнали. Првиот е дека ние заеднички ќе ја сочуваме европската перспектива за регионот. Вториот е дека на секоја земја пооделно ќе и се помогне. На земјите останува ,пак, да ги спроведат реформите со што европската перспектива ќе стане реалност. Во овие две рамки ќе тече конференцијата" , изјави во Берлин австрсикиот министер за надворешни работи Михаел Шпинделегер кој заедно со германскиот колега Гидо Вестервеле вечерва ќе ја отвори Конференцијата на Аспен институтот со лидерите од регионот за перспективите на Југоисточна Европа.

Шпинделегер потсети дека се’ почесто се дискутира за замореноста од проширувањето и перспективите на Регионот се заобиколува со оправдувањата дека за ЕУ има поважни теми како стабилноста на еврото, стопанската и финансиската ситуација и слично. Според него ветувањата и перспективите не треба да се заборават, туку треба да се поддржат и работите да продолжат да се движат во вистинска насока. За ова ќе се дискутира утре зад затворени врати, а и во билатералните средби на првите дипломати од регионот кои се во Берлин.

Michael Spindelegger, Österreichs neuer Außenminister
Шефот на дипломатијата на Австрија, Михаел ШпинделегерФотографија: picture alliance/dpa

Перспективите се ортворени, но што со спорот меѓу Македонија и Грција? До кога ќе трае и ќе даде ли Европската унија некој свој предлог за решение на спорот? Го прашавме австрискиот министер Михаел Шпинделегер.

„Нема да дадеме никаков предлог зашто има востановени структури кои за ова дискутираат. Има преговарач од страната на ОН и не знам колку предлози веќе има на маса. Не сметам дека има недостиг на предлози, туку на политичка воља ова конечно да се симне од дневен ред. Ова го бараме од двете страни, зашто конечно, без решение, оневозможен е развојот на Македонија во насока на ЕУ. Сите предлози толку долго се дискутираат што сметам дека веќе треба да изнајде решение", одговори Шпинделегер.

Меѓу учесниците на Конференцијата е и македонскиот министер Антонио Милошоски кој веќе имаше и билатерална средба со австрискиот колега Михаел Шпинделегер. Милошоски потврди дека ваквите конференции се во корист на Македонија и регионот и потсети дека земјата има што да каже на ваквите собири. Особено ако се има предвид дека на средбите на највисоко дипломатско ниво со грчките претставници за решавање на спорот е создадена атмосфера која ја подобрува взаемната доверба. Но, има простор и за поголема поддршка од страна на партнерите во Унијата, за што Антонио Милошоски за македонската програма на Дојче Веле изјави:

„Би сакале Европската унија да посевти поголемо внимание и на ова прашање. Бидејки Македонија сама за себе нема доволно ресурси, капацитет и убедителна моќ да ја направи грчката страна попрагматична или пофлексибилна за да се постигне долгоочекуваниот македонско-грчки компромис. Во секој случај сметам дека најважмо е да успееме во текот на 2011 да успееме да то задржиме вниманието на следните претседавачи Унгарија и Полска, но и вниманието на земјите кои имаат важна улога во ЕУ кон процесот на проширтвањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан”.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Симе Недевски

Предлози има доволно