1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мигрантите и‘ го вртат грбот на Грција

Јанис Пападимитриу / Александра Трајковска 8 април 2012

За многумина Албанци Грција е ветена земја. Кризата сега ги принудува да се вратат во татковината. Но, таму им се заканува безработица.

https://p.dw.com/p/14Xeh

Скендер Мета пробал се’за со чесна работа да заработи доволно пари и да го прехрани семејството. Веќе 20 години Албанецот во Грција заработува молзејќи крави, чистејќи згради, собирајќи овошје, но и како градежен работник, пред се’ како самоук плочкар. Работата му причинувала задоволство на големите градилишта во Атина, притоа заработувајќи солидно. Се’ додека не изби големата криза. Од 2009 година тој добивал работа само одвреме навреме.

„Градежништвото е пред колапс. Ако воопшто, тогаш работиш за мали пари и без осигурување“, вели Скендер Мета. Како редач на плочки добива дневница од само 50 евра и тоа не е сигурен дали парите воопшто ќе бидат исплатени. „Честопати се случува, работодавачот да исплати со задоцнување, или воопшто да не плати“.

Високозадолжен гастарбајтер од Албанија

Денес Мета стои пред куп долгови. „Вкупно 15.000 евра, а само на мојата банка и‘ должам 4.000 евра. Ги замолив вработените во банката за рефинансирање, но тие ме информираа дека во тој случај моите долгови би пораснале на преку 6.000 евра“, вели Мета.

Albanische Gastarbeiter in Griechenland
Албански гастарбајтер во ГрцијаФотографија: DW

Над 70 проценти од албанските доселеници во Грција со задоволство би побегнале од кризата и би се вратиле во нивната татковина, смета Скендер Мета. Од сопствено искуство сепак, знае - животот таму е полн со тешкотии. Изминатите години двапати бил дома, кога неговата ситуација во Грција била тешка. Но, сметал дека е принуден да се врати во Атина, за да побегне од безработицата дома.

Доселениците - жртви на кризата

„Најрадо би се вратил, но економската состојба кај нас во селото е многу тешка“, вели 39-годишникот. Старата куќа на семејството треба да се санира, значи и во татковината мора да изнајми стан, исто како и во странство. Ако во Грција наскоро не тргне по нагорна линија, за него има само уште една можност: „Децата ќе отидат кај баба им и дедо им во Албанија, а јас ќе тргнам во правец на Западна Европа, најрадо во Англија“.

Во потрага по работа во текот на изминатите години над 700.000 луѓе од Албанија дојдоа во Грција. Во добрите времиња, вредните странски работници вкупно годишно префрлуваа до една милијарда евра од Грција во нивната татковина. Освен ова, илјадници Албанци во Атина отворија фирми и самите создаваа работни места.

Но кризата се’ повеќе ги погаѓа доселениците. Според студија на атинската тинк-тенк група „Елијамеп“, 10 проценти од мигрантите во Грција, поради недостиг на перспективи, веќе ја напуштиле земјата. Поради географската блискост за Албанците се поставува прашањето: да останат во Грција и да се надеваат на подобри времиња или да се вратат во татковината?

Без документи за другите земји на ЕУ

И Лилана се колеба да донесе одлука. Младата мајка веќе 12 години живее во Атина и работи со скратено работно време во едно кафуле. Во последните месеци работи поретко, оти сопственикот се жали од намалениот промет и вели ека мора да штеди на сите страни.

„Со сопругот размислуваме, дали да се вратиме во татковината или да одиме на друго место, каде би имале подобри шанси“, вели 30-годишната жена. Но, тоа и не е така едноставно за нив. За другите земји на ЕУ ги немаат потребните документи. Во Албанија, пак, ќе се чувствуваат како странци по толку години во странство. „Би било добар почеток, ако најдеме вработување во таковината, и тоа уште пред да отидеме таму“, си посакува Лилана.

За враќање на рати, пак, се одлучил шивачот Лони Николи. Неговата сопруга и двете деца веќе се во неговиот роден град Пермети, на југот на Албанија, и таму живеат кај баба им и дедо им. Близнаците веќе тргнаа на училиште. Николи самиот засега останува во Атина и натаму се обидува да најде работа.

Albanische Gastarbeiter in Griechenland
Албански гастарбајтер во ГрцијаФотографија: DW

„Работа во Грција се добива преку пријатели“

„Како и да е, тука познавам повеќемина луѓе кои ме поддржуваат, на пример со тоа што ме препорачуваат“, вели Николи. Работа во Грција се добива само преку пријатели и познаници. Работата станува се’ потешка. Денес еден градежен работник заработува половина од она што беше вообичаено пред пет години. „Ако продолжи вака ќе морам наскоро да ја напуштам Грција“, вели Николи.

За среќа, тој има можност често да патува во родниот Пермети, за да го посети семејството. Повратна карта со едно албанско автобуско претпријатие чини само 30 евра. Тажно е само кога децата изразуваат премногу желби: „Близнаците имаат седум години и се’ разбира го гледаат светот преку розови очила. Кога сакаат нешто, тогаш им велиме дека немаме пари. Едноставно е - нема работа, нема пари“.