1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународниот ден на жените во Источна Европа

Нада Штајнман8 март 2006

Некогашните хероини на семејството, денеска страдаат од сиромаштија и дискриминација

https://p.dw.com/p/Ac8J
Меѓународен на жената - слика на ОН
Меѓународен на жената - слика на ОНФотографија: UN

Во пост-комунистичките земји, 8-ми март е познат како Меѓународен ден на жената и како таков се прославува. Како и порано, така и сега, треба да се демонстрира дека жената е почитувана. Своевремено партијата организираше прослави и за секоја жена имаше цвеќе, најчесто тоа беше црвен каранфил. На тој ден се организираа излети, а на радио и телевизија се емитуваа многу емисии кои ја истакнуваа улогата на жената како херој, како борец, мајка и работничка. Бугарската новинарка, Антоанета Ненкова, отворајки го семејниот албум, го опишува 8-ми март порано и денес:

“На првата фотографија сум јас со пионерска марама и бела блуза, во група од 10 деца. Му припаѓавме на Татковинскиот фронт во чие име им честитавме на мајките и на жените, на хероините на трудот. Пеевме и рецитиравме на прославите во чест на жените во фабриките. На втората фотографија од времето на транзицијата, прикажано е моето семејство. Собрани сме во дневната соба на моите родители. На масата има многу цвеќиња , лалиња, фрезии, кокичиња. Децата мене ми подаруваат цвеќе, јас и подарувам на мајка ми. Ја славиме мајката, жената семејството.„

8-ми март се слави и денес, само што сега не е е организиран од страна на државата. Прославата е поскромна, во кругот на семејството, или пак жените се собираат на веселба во кафеани и ресторани. Сјајот што порано блескаше околу хероините на трудот и нивните семејства сепак честопати беше само убав привид. Јавно прокларираната еднаквост беше дел од комунистичката пропаганда на режимот. Во некои земји, како на пример во Романија и Полска, жените дури го негираа 8-ми март, како и многу други работи што ги наметнуваше Советскиот Сојуз. “Институционално и правно, меѓутоа, жените за време на комунизмот постигнаа напредок, иако во пракса животот изгледаше поинаку“, се сеќава директорот на агенцијата Бета, Љубица Марковиќ. Сепак таа е задоволна што многу придобивки се задржаа се до денес:

„Многу работи од она што беше постигнато за вработените жени и нивните права во поранешните комунистички земји, како на пример породилно боледување, заштита на децата и така натаму, преживеа се до денес. Добро е што е така, затоа што тоа ни обезбедува подобра позиција во однос на жените во други земји. “

Слично мислење застапува и Катарина Колозова, доцент на Скопскиот универзитет:

“Во дваесетиот век, се стекнаа барем номиналните права на жената, пред се во западниот свет, во Европа, иако мораме да нагласиме дека во Источна Европа тоа се случи многу побрзо и на еден многу квалитетен начин, онаму каде што постоеше комунистичко уредување, поради марксистичката идеологија на рамноправнот на половите, односно родовите.“

Денес 8-ми март во источноевропските земји на некој чуден начин се претвори во Ден на мајката, односно ден на сопругата односно партнерката. Децата, партнерите, пријателите, ја даруваат жената. Тоа има малку нешто заедничко со првобитната идеја за одбележување на 8–ми март. Жената на овие простори и денес е соочена со насилство, таа е жртва на трговијата со жени и за неа има се помалку работни места. Поради влошената економска ситуација се создаваат нови феномени. Во руралните подрачја се поголем е бројот на жените што остануваат дома и ги работат најтешките работи. Мажите заработуваат пари, жените немаат примања и поради тоа повторно се зависни. Во селата важат старите трдиции, според кои мажите сееуште ја експлоатираат жената.

Прославата на 8-ми март, смета Катарина Колозова,уште повеќе ја зацврстија традиционалната претстава за жената како мајка , родилка, нежно суштество што треба да се грижи за семејството, значи, слика за жената што пред се придонесе да се одржи патријархалното општество, а не да се промени.

За ова во посткомунистичките земји не се дебатира на Меѓународниот ден на жената 8-ми март. Иако многу држави од Источна Европа ја потпишаа Меѓународната спогодба за жените на ОН, таа сепак не се спроведува во дело. Поради тоа, во цивилното општество е добредојдена материјалната и организаторска подршка на меѓународните организации на жените. Зејнепе Дибра, претседателка на една организација на жените во Албанија, помошта ја смета за добредојдена:

“Има меѓународни организации што ни помагаат. Тие својата работа ја концентрираат претежно на главниот град, на Тирана. Организираат тренинг семинари, ставаат на располагање финансиски средства. Во изминатите години, меѓутоа, помошта се намали. Организации од САД ни помогнаа во борбата против трговијата со жени. Други организации се ангажираа за зајакнување на улогата на жената на раководни позиции. Сепак, работите пред се зависат од ангажманот на невладините организации на албанските жени, за тоа – како наученото да се примени во пракса. Конечно, само организациите на албанските жени можат да придонесат за тоа – положбата на жената во Албанија долгорочно да се подобри.“