Меѓународната цивилна канцеларија заминува од Косово?
27 јануари 2012Меѓународната управувачка група за Косово неделава донесе одлука за започнување на подготовки за затворање на ИЦО- Меѓународната цивилна канцеларија на Косово на чие чело е Питер Фејт. Затворањето би требало да се случи на крајот од годинава но претходно Косово мора во целост да ги примени одредбите од планот на Марти Ахтисари за децентрализацијата, правата на заедниците и културното наследство. Истовремено, косовското Собрание треба да усвои пакет амандмани за промена на уставот, за да се изврши пренесување на надлежностите од ИЦО на косовската влада.
Политичкиот аналитичар Ардиан Арифи оценува дека доколку дојде до затворање на Меѓународната цивилна канцеларија тоа нема да значи и крај за меѓународниот надзор на независноста на Косово: „Пред се’ на северот на Косово каде државата се’ уште не ја воспоставила својата власт ќе постои потреба од меѓународна поддршка. Конечно затворањето на ИЦО не значи и завршување на меѓународниот надзор, бидејќи остануваат КФОР и ЕУЛЕКС, две силни компоненти кои допираат две многу важни прашања на суверенитетот на Косово- надворешната безбедност и владеењето на правото“.
ИЦО не беше успешен
Арифи додава дека неуспешноста во работата е една од причините зошто се размислува за затворање на Меѓународната цивилна канцеларија. „ИЦО беше успешен во асистирањето на косовското собрание да ги адаптира сите закони од планот на Ахтисари, но потфрли во некои битни прашања, како што е формирањето на општината Северна Митровица, неприсутноста на северот на Косово“, вели Арифи.
Пратеничката на „единствената српска листа“ во косовското собрание Рада Трајковиќ истотака оценува дека ИЦО не била успешна. „Не можам да кажам дека ништо не работеа, но сигурно повеќе од 50 насто од работите што требаа да ги направат во смисла на децентрализација под реката Ибар не ги завршија. А да не говорам за парламентот на Косово кој буквално одбива, менува закони кои треба да се усвојат по планот на Ахтисари и тука некако господинот Питер Фејт не е активен“, вели Трајковиќ.
Србите загрижени
Таа е загрижена и од барањето кое Меѓународната управувачка група за Косово го упати до Србија да не организира избори на северот на Косово. „Иако тоа е сепак една неформална група, која не е меѓународна институција, со оглед дека ја сочинуваат 25 држави од ЕУ и САД, најверојатно ќе се направи обид во рамките на меѓународните институции како што е Советот на министри на ЕУ и други организации тоа да биде претворено во официјално барање и став на тие институции и тоа ќе биде уште еден голем притисок врз Србија и Србите на Косово“, вели Трајковиќ.
Меѓународната административна група ја основа Меѓународната цивилна канцеларија на Косово со цел надгледување на независноста на Косово која беше прогласена според сеопфатниот предлог на Марти Ахтисари.
Автор: Зулфија Јакупи/ Симе Недевски
Редактор: Жана Ацеска