Меркел бара од Србија подобри односи со соседите
23 август 2011Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека иднината на Србија е во Европската унија, но додаде дека прашањето на кандидатскиот статус е поврзано со две прашања - реформите и односите со соседите.
„Мојата порака е - ние ја сакаме Србија во ЕУ, цврсто сме уверени дека на земјата и‘ е местото во ЕУ, но тешко е да се замисли дека земјите од Западниот Балкан ќе имаат перспектива во Унијата, доколку еден излегува од салата за другиот да влезе“, порача Меркел од Белград.
Германската канцеларка побара напредок во решавањето на граничните прашања меѓу Србија и Косово.
„Ние отворено говориме за сите теми и уверени сме дека на ЕУ и‘ се потребни земјите од Западниот Балкан и ќе постигнеме напредок доколку ја решиме состојбата во овој регион“, заклучи Меркел.
Белград нема илузии, вели Тадиќ
Српскиот претседател Борис Тадиќ изјави дека Србија нема илузии оти во ЕУ би можела да внесе нов конфликт и дека сака да ги реши сите конфликти во регионот.
„Србија има свои принципи во решавањето на конфликтите и ние сакаме со нашите германски пријатели да најдеме практичен пат преку кој ќе го сочуваме дигнитетот на сите народи во регионот“, рече Тадиќ.
Според српскиот претседател, ЕУ никогаш нема да биде целосна без интеграција на Западниот Балкан. Тадиќ изрази поддршка за што поскора интеграција на Хрватска и на другите земји од регионот во ЕУ, но побара да бидат почитувани истите принципи и критериуми кога е во прашање и Србија.
Автор: Борис Георгиевски/бета
Редактор:Елизабета Милошевска Фиданоска