Македонските кошаркари подобри од грчкиот тим
24 август 2013Македонската кошаркарска репрезентација синоќа ја победи Грција со 77:75 во неизвесен финиш на турнирот во германскиот град Улм.
Во мечот, кој е дел од подготовките на македонските кошаркари за настап на Евробаскетот што ќе се игра идниот месец во Словенија, македонските кошаркари прикажаа голема борбеност и дисциплинираност во играта.
Одличен настап имаше Лестер Бо Мекејлеб со 25 поени и четири асистенции, а клучен беше и Перо Антиќ, кој постигна 16 поени и 10 скокови, а беше заслужен и за последните три поени за македонскиот тим.
Со играта се издвоија и Ѓорѓи Чековски, со девет поени и четири скокови, Војдан Стојановски со 11 поени, и Владо Илиевски со 10 поени и три асистенции.
Ова е втора победа над селекцијата на Грција по онаа во групната фаза на Евробаскетот во Литванија пред две години.
Во противничкиот тим најефикасен беше Перпероглу со 12 поени следен од Спанулис, кој постигна 11 поени и осум асистенции.
По оваа победа избраниците на селекторот на македонската решрезентација Алеш Пипан денеска во 14:30 часот ги очекува дуелот со домаќинот на турнирот, Германија, а в недела го играат последниот натпревар со тимот на Босна и Херцеговина.