Лига на шампиони: реми во Лондон - ќе биде неизвесно во реваншот во Ливерпул
28 април 2005Челзи три пати во тековната сезона го победи Ливерпул во средби од англиското првенство и купот, но не успеа во четвртиот, можеби најважен дуел. Сите елементи беа тука: тренерот Мурињо можеше да смета на најсилниот состав со исклучок на повредениот Даф, на силна поддршка од публиката која до последно место го исполни стадионот на Челзи... но Ливерпул со сигурна игра во одбраната го сочува својот гол, а создаде и по некоја шанса. Ги имаше и Челзи, но се’ на се’, малку на обете страни. Сега во реваншот е се’ отворено – Мурињо и натаму има изгледи да биде прв тренер кој ја одбранил титулата во Лигата на Шампионите (што ја освои лани со Порто), а Ливерпул може да се надева по 21 година повторно да се најде во финалето на најквалитетното европско клупско натпреварување.
Џо Кол, напаѓач на Челзи, вака го прокоментира исходот на натпреварот: „Никогаш не сме среќни ако не победиме, оти ние сме победнички тим. Но, работите можат и да се свртат и на крајот и овој резултат да испадне добар. Да причекаме, па ќе видиме“.
Центарфорот и голгетер на Ливерпул Милан Барош очекува тежок реванш: „Мислам дека игравме многу добро и компактно во одбраната. Тие имаа една шанса, и ние исто така. Ќе биде тешко во реваншот на Енфилд роуд. Ќе видиме“.
Милан со среќно сотварената победа во вторникот против ПСВ со 2 спрема 0 мирно оди на реваншот во Ајндховен со надежи дека на 25-ти мај ќе се најде и во финалето во Истанбул.