1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Келн елиминиран од второлигаш во првото коло на Купот!

22 август 2005

Фудбалскиот куп и во Германија е можност за помалите клубови да го свртат вниманието врз себе и изненадувањата не се реткост. Ги имаше и годинава во првото коло од завршницата. Кими Рајконен победник на трката во формула 1 на новата патека кај Истанбул. Денеска претпоследна и решавачка етапа на велосипедската трка „Околу Германија“.

https://p.dw.com/p/Aekc
Келн елиминиран, а на капитенот му се заканува суспензија: Лукас Подолски
Келн елиминиран, а на капитенот му се заканува суспензија: Лукас ПодолскиФотографија: dpa

Годинава првото коло од Фудбалскиот куп на Германија не го помина само еден од прволигашите, за разлика од лани, кога беа елиминирани тројца. Но, сликата можеше да се повтори бидејќи две прволигашки екипи се провлекоа „низ иглени уши“. Келн на гостувањето во Офенбах е поразен од второлигашот Кикерс со 3 спрема 1. Изненадувањето е дотолку поголемо по извонредниот старт на Келн и двете победи во првенството. Но, Синкала и овој пат беше исклучен, како и претходната недела, на репрезентативецот Подолски му се заканува суспензија поради неспортски гест, а Ран со автоголот го комплетира впечатокот. Натпреварот беше ново издание на дуелот на истите екипи од пред 35 години - но тогаш во финалето на Купот, кога исто така аутсајдерот од Офенбах славеше победа над големиот фаворит Келн.

На Штутгарт и Херта Берлин им беа потребни дополнителни два пати по 15 минути за да излезат на крај со регионалните лигаши на кои им гостуваа: Штутгарт во Хофенхајм обезбеди победа од 4 спрема 3, а Херта Берлин во Кобленц со 3 спрема 2. Долго време мораше да стравува и Дуизбург кој со минималните 1 спрема 0 го елиминира вториот тим на Волфсбург.

Изненадување се и победите на три екипи од регионални лиги кои елиминираа второлигаши: тоа им успеа на Рот-вајс од Ерфурт во средбата со Ален, на Оснабрик во натпреварот против Гројтер Фирт и на некогашниот член на Бундеслигата Занкт Паули во дуелот со Вакер Бургхаузен.

Шампионот Баерн Минхен му гостуваше на Нојрупин, член на Обер-лигата североисток. На крајот, на олимпискиот стадион во Берлин, каде се одигра средбата, навивачите на домашниот тим го славеа поразот од само 4 спрема 0. „Нојрупин играше многу добро. Јас бев изненаден. Не очекував да ги видам во толку силно издание и во првите 45 минути имавме проблеми, па моравме да додадеме гас во вториот дел, за сепак да постигнеме убедлива победа“ – рече тренерот на Баерн Феликс Магат.

21-годишниот голман на Нојрупин, Мариан Унгер, четирипати ја вадеше топката од својата мрежа, но е задоволен, оти на крајот го доби дресот на неговиот идол Оливер Кан: „Тоа се сеќавања на натпревар каков што досега немало, па уште и да го имаш дресот од човекот кој ти служи за пример, да си на теренот против него – сето е навистина супер“.

Без поголеми проблеми пласман во наредното коло од Купот обезбедија Вердер со победата во Ватеншајд од 3 спрема 1 и Хамбургер во Штутгарт против Кикерс со 5 спрема 1. Шалке не мораше многу да се напрега за го победи петтолигашот Бремерхафен со 3 спрема 0. Највисока победа забележа Баер Леверкузен во Ерфурт против вториот тим на Ротвајс со 8 спрема 0.

Денеска се игра последниот натпревар од првото коло на завршницата на Купот помеѓу второлигашот Ајнтрахт Брауншвајг и Борусија Дортмунд.

Од фудбалот и информацијата дека денеска во Келн ќе се одигра ревијален натпревар во чест на Томас Хеслер, кој ја завршува кариерата. Хеслер беше повеќекратен репрезентативец и член на селекцијата на Германија која во 1990-та година ја освои титулата светски првак.

Кими Рајконен прв победник на Големата награда на Турција

Кими Рајконен, возач на Мекларен Мерцедес, ќе остане запишан во историјата како прв носител на Големата награда на Турција во автомобилизам формула 1. Тој имаше челна позиција на стартот и таа не му беше загрозена до крајот на трката. Тоа е петта победа на Рајконен во сезоната, но водечкиот во светското првенство Фернандо Алонзо од Рено го освои второто место и ја чува предноста во генералниот пласман, која сега изнесува 24 бодови. Светскиот првак Михаел Шумахер не ја заврши трката, а имаше проблеми уште на тренингот, се изврте на патеката и мораше да стартува од последниот ред.

Во конкуренција на конструктори во светското првенство во автомобилизам формула 1 води Рено со 130 бодови, пред Мекларен Мерцедес со 121. До крајот на годинешново првенство има уште пет трки, а наредната е во Монца на 4-ти септември.

Последна шанса за Улрих на трката „Околу Германија“

На велосипедската трка „Околу Германија“ денеска се вози претпоследната етапа, во која се очекува да падне и решението за конечниот победник. Имено, денеска ќе се вози на хронометар на патека од Лудвигсхафен до Вајнхајм во должина од 31,1 километар.

Капитенот на Те-мобајл Јан Улрих, кому возењето на хронометар му е силна страна, е петопласиран со 1 минута и 26 секунди заостаток зад Американецот Леви Лајпхајмер. Прашање е дали ќе успее да направи подвиг и да ја анулира таа разлика.

Германките – европски вицешампионки во хокеј на трева

Германската женска репрезентација во хокеј на трева не успеа да дојде до првата титула европски првак. Шампионки остануваат Холанѓанките, кои ја одбранија титулата со победата против селекцијата на Германија со 2 спрема 1 во финалето на 7-то првенство на континентов, што се одржа во ирскиот главен град Даблин.