Катер не предвидува насилства на Косово
31 октомври 2006“Не предвидувам насилства на Косово. Немаме никакви индикации за такво нешто“, вели Катер, нагласувајќи дека се дејствува плански, како во текот, така и по референдумот за српскиот устав. Тој, сепак, посочи дека како војници на КФОР тие се подготвени за секаква ситуација.
Германскиот генерал со своите домаќини разговарал за позајакнати мерки на безбедност на македонско-косовската граница. Засега не се регистрирани движења на познати екстремистички групи, кои би сакале да ги искористат случувањата во Србија, но и внатрешниот албанско-албански политички судир меѓу партиите ДУИ и ДПА во Македонија.
Македонските власти, особено МВР, сепак инсистираат на позасилена контрола од страна на граничната полиција, но и од страна на КФОР. Официјалните македонски власти не реагираат на ситуацијата во соседството по усвојувањето на српскиот устав, според кого Косово останува територија на Србија. Македонскиот претседател, Бранко Црвенковски, кој има блиски односи со властите во Белград, немал телефонски контакти со српскиот претседател, Борис Тадиќ, туку денеска непосредно му го честитал реизборот на бугарскиот претседател, Прванов.