1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви би биле последиците од банкрот на Грција?

17 септември 2011

Некои германски политичари деновиве отворено и гласно размислуваат за можен банкрот на Грција. Но, што би се случило, ако тоа навистина стане реалност? Последиците се несогледливи.

https://p.dw.com/p/12YuJ
Фотографија: DW-Montage/bilderbox.de

„Веќе не смее да има никави табуа, за да се стабилизира еврото. Во крајна консеквенција доаѓа предвид и регулирана инсолвентност, веднаш штом за тоа ќе стојат на располагање неопходните инструменти“, рече на деновиве германскиот министер за стопанство Филип Реслер - и предизвика нова неизвесност на финансиските пазари, што се одрази со голем пад на берзите и на вредноста на еврото. Со Реслер веднаш се согласи и претседателот на ЦСУ и покраински премиер на Баварија Хорст Зехофер.

Investionsgipfel Investitions-Gipfel Rösler Berlin Wirtschaftskrise Krise
Министерот Филип РеслерФотографија: dapd

Марк Освалд, стратег за пазарот во фирмата „Монјумент секјуритис“ од Лондон ги критикува германските политичари и искажува разбирање за одбранбената реакција на пазарите. Оти, ако Грција објави банкрот, дел од парите што веќе и’ се позајмени, би бил загубен. Државите од зоната на еврото на Грција и’ позајмија милијарди или гарантираа за нејзини кредити.

Ако пропаднат тие пари, долговите на државите од еврозоната би пораснале во соодветна мера, вели Штефан Хомбург, раководител на Институтот за финансиска наука на универзитетот во Хановер. „Ако се случи она што го очекувам - Грција кога и да е да каже дека веќе не може да ги враќа долговите, тогаш нагло ќе се зголеми долгот на Германија, наспроти кочницата за натамошно задолжување, па може да биде загрозен и германскиот бонитет“.

Symbolbild Krise Euro EU Währung Schulden
Фотографија: picture alliance/ZB

Тоа, пак, би значело дека и Германија би морала да плаќа повисоки камати за идните кредити. За неа тоа и не би било драма, но во потешкотии бргу би западнале веќе начнатите земји како Португалија, Ирска, Италија и Шпанија.

Тогаш би биле веројатни две реакции на финансиските пазари: би опаднала готовноста за давање пари на заем на економски послабите земји од евро-зоната и би имало шпекулации против поединечни евро-земји, според мотото „Грција е банкрот, кој е на ред“. Таа верижна реакција се нарекува и домино-ефект.

Банкротот опасност и за банките

Банкрот на Грција би претставувал опасност и за многу банки, иако повеќето во меѓувреме се ослободија од грчките обврзници продавајќи и’ ги на Европската централна банка. По потреба и државата би морала да им помогне на банките, спасувајќи ги со парите на граѓаните од платениот данок. Но, тие пари би недостасувале на други места и веројатно финансирањето би било покриено со ново задолжување.

Конечно, и самото евро би се нашло под притисок, оти Европската централна банка сега има цел рид од грчки државни обврзници. Ако поради банкрот станат безвредни, би паднал и курсот на еврото, но не може да се предвиди за колку.

Секако, цел на сегашниве дискусии за банкрот на Грција е да се зголеми притисокот врз Атина за уште позасилено штедење и зголемување на приходите од данокот, оти инаку нема да бидат префрлени парите од наредната рата на пакетот за спасување на таа земја.

Автор: Андреас Бекер/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска